
ОК на ВМРО-ДПМНЕ Крива Паланка го оцени како политизирање на проблемот со добитокот барањето на градоначалникот Сашко Митовски Владата да прогласи кризна состојба.
Од ОК на ВМРО-ДПМНЕ Крива Паланка велат дека проблемот трае со децении и оти СДСМ имал целосна власт во општината од 2017 до 2024 година. Од партијата наведуваат и дека Сашко Митовски ја извршува градоначалничката функција трет мандат по ред, но не го решил проблемот.
„За разлика од СДСМ, Владата и надлежните институции во изминатиот период преземаа конкретни активности во рамките на своите законски надлежности и досега се одземени приближно 100 грла говеда. Барањето за кризна состојба потврдува дека општината и градоначалникот не се способни да го решат проблемот“, наведуваат од ОК на ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата посочуваат дека ќе ја поддржат секоја законска постапка што ќе придонесе за трајно решавање на проблемот, но бараат одговорност и отчетност од локалната самоуправа за обврските што се во нејзина надлежност.
„Граѓаните не бараат политички препукувања и празни прес-конференции, ниту оправдувања. Бараат безбедни улици, заштита на нивните имоти и конкретно решение на проблемот. Барањето кризна состојба не смее да биде алиби за непостапување во рамките на редовните надлежности на локалната самоуправа“, се вели во реакцијата.
Од ОК на ВМРО-ДПМНЕ порачуваат дека проблемот со добитокот не започнал на 9 ноември и дека нема да се реши со прес-конференции, повикувајќи го градоначалникот да ги исполнува обврските што произлегуваат од функцијата.






