
Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, побара Владата итно да прогласи 30-дневна кризна состојба поради повеќе од 1.000 грла крупен добиток што неконтролирано се движат низ општината.
Барањето произлегува од заклучоците на Општинскиот кризен штаб, според кои надлежните институции немаат доволно капацитети самостојно да се справат со проблемот. На прес-конференцијата присуствувале и граѓани кои претрпеле штети од добитокот.
„Додека институциите ги објаснуваат своите ограничувања и надлежности, граѓаните ги бројат своите загуби и штети“, порача Митовски.
Градоначалникот побара дополнителни стручни, логистички, оперативни и финансиски ресурси, специјализирани возила и соодветен простор за сместување на животните. Според него, потребна е координирана интервенција со јасен оперативен план, активности по денови, прецизни задолженија и утврдена одговорност.
Планот треба да опфати организирано заловување, безбеден транспорт и згрижување на добитокот, како и мерки за спречување на повторување на проблемот.
Митовски посочи дека од јануари 2022 година до Владата, Министерството за земјоделство, надлежниот инспекторат и Агенцијата за храна и ветеринарство биле доставени стотици пријави и иницијативи. Поднесена била и кривична пријава за мачење животни, а собрани биле докази за материјални штети, повреди на граѓани и уништување јавни површини.
Според него, правосилните и извршни решенија за одземање животни од регистрирани одгледувалишта, донесени во 2024 година, сè уште не се спроведени во целост. Досегашните делумни интервенции не обезбедиле трајно решение.
Тој побара информации за тоа кој го следи добитокот за кој се донесени решенија за одземање, кога биле извршени последните ветеринарни прегледи и дали се проценети здравствените и епидемиолошките ризици.
„Прогласете 30-дневна кризна состојба, мобилизирајте ги потребните ресурси и помогнете ѝ на Крива Паланка да стави крај на оваа долгогодишна голгота“, порача Митовски.







