ЗНАМ останува на ставот правосудниот испит да се полага на македонски јазик

ЗНАМ останува на ставот правосудниот испит да се полага на македонски јазик и бара лидерска средба со коалициските партнери.

0
ЗНАМ останува на ставот правосудниот испит да се полага на македонски јазик (Опсервер)
Фото: Опсервер

ЗНАМ соопшти дека правосудниот испит треба да се полага на македонски јазик, бидејќи во моментов не постои уставна и законска основа за полагање на албански јазик. Партијата најави дека нема да отстапи од ставот под политички притисоци и побара лидерска средба со коалициските партнери.

Од ЗНАМ велат дека преку таканаречени хибридни решенија не смее да се создаваат преседани со потенцијално далекусежни последици за правосудниот систем и функционирањето на институциите.

Реклама

Претседателот на партијата, Максим Димитриевски, побарал лидерска средба со коалициските партнери за да се разговара за прашањето, да се дефинираат принципите и да се утврдат црвените линии. „Ние не бегаме од дијалог, но дијалогот не смее да биде параван за заобиколување на Уставот и законите“, порачуваат од ЗНАМ.

Во однос на пораките упатени кон Димитриевски, меѓу кои и алузиите за Врање и повиците да внимава што зборува, од партијата велат дека таквиот речник е несоодветен, неодговорен и недостоен за избрани народни претставници. Од ЗНАМ го повикаа пратеникот Ријад Шаќири да се насочи кон економскиот развој, подобриот животен стандард и решавањето на проблемите на граѓаните.

Реклама

Во реакцијата на квалификациите од Аднан Азизи, партијата оцени дека тие се одраз на политичка нервоза и ги посочи резултатите од локалните избори во Брвеница, каде што кандидатот на ВРЕДИ не се пласирал во вториот круг.

ЗНАМ го коментираше и најавениот бојкот на ДУИ на свечената седница по повод Денот на Куманово, оценувајќи дека свеченоста се користи за дневнополитички пресметки. „Куманово е град на сите негови граѓани, а почитта и соживотот се градат со меѓусебно уважување, а не со политички ултиматуми и бојкоти“, наведуваат од партијата.

Од движењето порачуваат дека нема да подлегнат на притисоци, уцени и политички провокации и дека се залагаат за еднаквост на сите граѓани во рамките на Уставот и законите.