
Германскиот канцелар Фридрих Мерц нагласи дека Русија мора да покаже подготвеност за прекин на огнот на преговорите што ќе се одржат на 10 и 11 ноември во Абу Даби.
Изјавата на Мерц доаѓа по средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Берлин, каде што оцени дека новата рунда преговори меѓу Украина, САД и Русија е чекор во вистинската насока, но истакна дека Европа мора да биде вклучена во процесот.
„Важно е Русија конечно да се вклучи во сериозни преговори за прекин на огнот и последователен мировен договор. Досега не сум видел никакви знаци за тоа“, изјави Мерц.
Според Зеленски, на првите директни преговори меѓу Украина и Русија од февруари ќе се разговара за безбедносни гаранции, прекин на нападите врз енергетската инфраструктура и примирје во Црното Море за да се обезбеди извозот на храна.
Мерц потврди дека Германија ќе продолжи да ѝ обезбедува воена помош на Украина, додека Зеленски изрази надеж дека преговорите со американско посредство ќе доведат до средба со рускиот претседател Владимир Путин.



