Османи: Нема нов договор, мојата посета на Бугарија беше позитивна

„Околу односите со Бугарија и мојата посета, сакам да истакнам: нема нов Договор, туку има засилување на меѓусебната комуникација на повеќе нивоа“, напиша министерот за надворешни работи Бујар Османи на Фејсбук, откако вчера лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски, пласираше информација дека на средбата со неговата бугарска колешка Екатерина Захариева, Бугарија побарала двете земји да потпишат нов договор, сличен на Преспанскиот, кој ќе наложи уставни измени.

Според Османи, на средбата отворено разговарале за сите прашања кои произлегуваат од Договорот за пријателство, како и дека се преземаат сите чекори, од двете страни, за на Комисиите да им се обезбеди непречена работа. Османи потсети дека им испратиле заедничка јавна благодарност за нивниот досегашен резултат, како и охрабрување за интензивирање на нивната работа.

„Впрочем, Мешовитата експертска комисија веќе утре и задутре ќе одржи средба во Скопје, што ќе претставува уште еден чекор кон исполнување на обврските од договорот“, пишува Османи.

Според Османи, посетата на Бугарија била позитивна, што е спротивно на она што го изјави премиерот Зоран Заев – кој посочи дека разговорите не биле добри и дека предложеното од Бугарија „ниту е братско, ниту е добрососедско, а уште помалку европско“, додавајќи дека доколку тие не отстапат од барањата, граѓаните треба да се подготват дека нема да започнат преговорите со ЕУ (во декември).

Прочитајте и:  Мицкоски: Наскоро ново раководство на ЕСМ и РЕК Битола, лично сум фокусиран во изборот на кадри

„Второ, посетата на Бугарија беше позитивна, затоа што се отворија сите прашања, се засили меѓусебната комуникација, но најважно, се реафирмираа заедничката желба, и заедничкиот интерес за европската перспектива на Република Северна Македонија. Тоа јавно го истакнав и јас во Софија, а го потврдија и Премиерот Бојко Борисов и Министерката за надворешни работи, Екатерина Захариева“, пишува Османи, по што ја повика целата јавност да биде внимателна и „политички зрела“:

„На крајот, дозволете да повикам на сериозност и политичка зрелост. Односите со соседите не се регулираат со пласирање секојдневно информации во јавноста, а уште помалку шпекулации или тенденциозни изјави кои имаат за цел да ја вжештат атмосферата. Европската перспектива е предизвик за целата земја, а не само на Владата, и претставува обврска за секој од нас“, порача шефот на дипломатијата.

- Реклама -