Заев: Ако Бугарија не отстапи, треба да сме подготвени дека нема да започне првата меѓувладина конференција со ЕУ

Ако Бугарија остане на нејзините барања, граѓаните треба да се подготвени дека нема да започнат преговорите за членство во ЕУ, изјави премиерот Зоран Заев за пораките што неговиот бугарски колега Бојко Борисов и шефицата на бугарската дипломатија – Екатерина Захариева, ги испратија при посетата на министерот за надворешни работи Бујар Османи на Бугарија.

„Тоа што е предложено од бугарска страна ниту е добрососедство, ниту е братство, а најмалку е европско“, рече Заев. „Ако тоа така остане, треба да го подготвиме македонскиот народ дека може и да не отпочне првата меѓувладина конференција која ја очекуваме во декември“.

Сепак, Заев ја истакна својата увереност дека тие барања ниту се ставови на Борисов, кого го нарече „пријател и брат“, ниту на бугарскиот народ. Тој истакна дека во претстојните денови владата ќе направи сѐ за да се изнајде решение.

Прочитајте и:  Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ не функционира со ултиматуми и рокови

„Убеден сум дека ќе постигнеме решение и ќе направиме сè што е во наша моќ за да продолжиме по тој пат, зашто нашиот сон е Европа која го признава и целосно го почитува правото на самоопределување. Ние сме Македонци кои зборуваат македонски јазик и верувам дека таквите вредности ќе опстојат комплетно и во нашите соседи“, рече Заев.

Тој истакна дека е точно дека земјава ја прифатила заедничката историја како составен дел од минатото, но потенцираше и дека „Северна Македонија, исто како и Бугарија, има своја посебна историја“.

Порача и дека „заедничкиот јунак“ Гоце Делчев е одлична основа за сплотување и зголемување на соработката и поддршката меѓу двата народа.

 

- Реклама -