ИФИМЕС: Брзото апсење и пресудата за Мијалков спречија мини државен удар во Северна Македонија

„Поранешниот шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) Сашо Мијалков (ВМРО-ДПМНЕ), неодамна е осуден на 12 години затвор во предметот ‘Таргет-Тврдина’ за масовното незаконско прислушување и уништување на опремата на УБК која се користела за пресретнување на комуникациите… Аналитичарите сметаат дека во Северна Македонија изминатите денови на сцена бил обид за ‘мини државен удар’, да се сруши владата на Зоран Заев“, пишува ИФИМЕС (Меѓународен институт за блискоисточни и балкански студии) во најновата анализа за случувањата во државава.

„Пропагандната машинерија на ВМРО-ДПМНЕ во последните три години тврди дека Зоран Заев и Сашо Мијалков се едно исто. Брзото апсење по бегството по изречената пресуда и драконската затворска казна за Мијалков ги побија тие тврдења. Треба да се напомене и дека на денот кога се официјализираше бегството на Мијалков, ВМРО-ДПМНЕ веќе имаше список на членови на новата влада и се надеваа на ново парламентарно мнозинство. Експресното апсење на мијалков и долгогодишната затворска казна го осуетија обидот за ‘мини државен удар’ и ја продолжија демократската влада на Зоран Заев до редовните парламентарни избори, кои ќе се одржат дури за три и пол години“, се вели во анализата.

Според ИФИМЕС, духот на промени во Северна Македонија, кој започнал со Заев, се чувствува и во регионот.

„Со членството во НАТО се заокружи македонската државност. НАТО гарантира опстанок и територијален интегритет на модерната македонска држава. Со влезот во НАТО никој веќе не може да смета на Северна Македонија за своите големодржавни проекти. Демократските промени и постигнатите резултати во изминатите четири години покажаа дека промените се можни и остварливи и дека Северна Македонија, како и регионот Западен Балкан, имаат потенцијал кој тоа го овозможува. Со тоа е испратена силна порака и поттик до другите држави кои се наоѓаат во чекалната за ЕУ и НАТО“.

„Промената на политичките, дипломатските и пошироките општествени парадигми во Северна Македонија, започна кога лидерот на СДСМ – Зоран Заев, покрена низа демократски промени и процеси кои подоцна се почувствуваа и во регионот. Актуелната македонска владејачка политичка гарнитура успеа да спроведе мирна демократска смена на власта/режимот кој незаконски прислушуваше повеќе од 20 илјади граѓани и од земјата изнесе, според проценките, најмалку 5 милијарди евра. Интеграциската парадигма на Зоран Заев и силниот меѓународен ангажман доведоа до потпишување на Договорот за добрососедство со Бугарија, донесен е закон за унапредување на употребата на јазиците на другите етнички заедници, потпишан е и имплементиран Преспанскиот договор со Грција кој ја овозможи деблокадата на евроатлантските процеси“.

Од „земја-случај“ до пред нешто повеќе од четири години, Северна Македонија сега е пример за земја која спровела бројни реформи и го деблокираше својот евроатлантски пат, кој е крунисан со полноправно членство во НАТО, оценува ИФИМЕС. Притоа, потенцира и дека Владата на Република Северна Македонија ја имала најсилната меѓународна поддршка која досега ја имала било која влада во регионот.

„Тоа е важен факт кој треба да се искористи во претстојниот период – дека Северна Македонија, но и регионот, конечно тргнуваат на патот на просперитетот. Притоа, македонските власти мораат да имаат нулта толеранција кон криминалот, корупцијата и кршењето на човековите права“, се додава во анализата.

Оливер Спасовски и Александар Вучиќ како најголема закана за криминалот и корупцијата

Според ИФИМЕС, челнството во НАТО има широк ефект на сите полиња во јакнење на институциите, а бидејќи силните институции се најголемата пречка за криминалот и корупцијата, токму затоа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски е главна мета на мафијашко-политичките структури, исто како што е мета и претседателот на Србија – Александар Вучиќ:

„Оливер Спасовски (СДСМ), кој со доаѓањето на чело на Министерството за внатрешни работи покрена темелни реформи кои доведоа до тоа Северна Македонија да ја има една од најдобрите полиции во Југоисточна Европа, која се спротивстави на криминалот, корупцијата и мафијата. Поради тоа министерот Спасовски е на мета на политичко-мафијашките структури, бидејќи ја покрена борбата против нив како што тоа го направи претседателот на Србија – Александар Вучиќ (СНС), покренувајќи борба против организираниот криминал и мафијата во Србија. Од тие причини, Вучиќ и Спасовски се двајца високи функционери во регионот кои се најизложени на ударите и заканите на мафијашките структури. За жал, македонското правосудство, обвинителства и судови, заостануваат зад напредокот кој е постигнат во органите за внатрешни работи (полицијата) и потребно е да се забрзаат процесите на реформите во тие сектори и да се работи на изградба и јакнење на институциите на државата“, пишува ИФИМЕС.

Против Македонија се води „хибридна војна“

Бурните политички случувања во земјава не се последица на самиот динамичен политички живот во рамките на нашите граници, туку се резултат и на непрестајната „хибридна војна“ против земјава, која засега главно е насочена кон Спасовски, преку кого се прават обиди да се сруши Заев и неговата влада, оценува понатаму Меѓународниот институт за блискоисточни и балкански студии.

Како пример, ИФИМЕС наведува дека разузнавачките служби регистрирале и лоцирале преку 150 портали кои редовно и секојдневно фабрикуваат лажни вести. „Поради тоа, не изненадуваат секојдневните афери, кои како на фабричка лента се продуцираат во Северна Македонија“, се вели во анализата.

Дури 4 засебни мрежи на Фејсбук страници објавувале содржини кои се објавувани на 10 интернет страници, а се поврзани со Adinamic Media, која е поврзана со унгарската државна Magyar Televizo (MTV) – која му е наклонета на Орбан и неговата Фидеш, но и која, пишува ИФИМЕС, ги администрира веб сајтовите кои ја поддржуваат опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Прочитајте и:  Николоски: Бугарија работи на алтернатива на Коридорот 10 што ќе ја заобиколи Македонија и ќе ја направи слепо црево на Балканот

„Аналитичарите сметаат дека борбата против криминалот и корупцијата се прилика да се избегне дестабилизацијата на Република Северна Македонија на која интензивно работат одредени внатрешни и надворешни фактори. Русија интензивно работи на спречување на очекуваното признавање на автокефалноста на Македонската православна црква (МПЦ-ОА). Меѓутоа, парадоксот е што клучните безбедносни предизвици и закани доаѓаат од државите членки на ЕУ и НАТО, чии лидери се тесно поврзани со поранешниот премиер Никола Груевски, кој побегна во Унгарија и се наоѓа под непосредна заштита на Виктор Орбан и уште неколку премиери на ЕУ, кои главно доаѓаат од Европската народна партија (EPP)“, оценува понатаму ИФИМЕС.

„Се очекува дека ќе дојде до продуцирање на нови афери пред локалните избори кои ќе се одржат наесен во 2021 година. Поради тоа за актуелната влада е најважно да ги осигура мирот и стабилноста и просперитетот на земјата. Последните години имаше неколку обиди за изведување на државен удар, кои се спречени со навремена интервенција на Министерството за внатрешни работи и министерот Спасовски. Притоа, треба да се има во предвид дека државен удар не е можно да се изведе без поддршка и учество на странски фактор. Територијата на Северна Македонија е сцена на која се одвива ‘вистинска војна’ на десетина странски разузнавачки служби. Ќе продолжат нападите на министерот Спасовски и обидите за дискредитација со цел негова целосна елиминација од политичкиот живот, а со тоа и рушење на владата на Зоран Заев“, се вели во текстот.

Бугарија има криза на идентитетот уште од своето основање

Во овој контекст се анализира и ситуацијата со Бугарија.  ИФИМЕС оценува дека официјален Брисел, иако го препознал текот на промените во Северна Македонија, на нив не реагирал позитивно и конструктивно, иако тоа го ветувал. Бугарија ја нарекува „грдото лице на Европа“. Иако го потпиша Договорот за добрососедство, таа и натаму го блокира почетокот на преговорите со ЕУ.

„Бугарија од своето основање се соочува со криза на идентитетот. На основа на договорот на Царска Русија и Османското Царство, Сан-Стефанскиот договор од 1878 година, создадена е независна Бугарија. На тогашните бугарски територии претежно живеело богомилско, македонско и турско население, над кои подоцна, под силен притисок на новооснованата држава е вршена присилна ‘бугаризација’. Русија ја создаде Бугарија и тоа е нераскинлива врска со Москва како противтежа на кнежеството, подоцна Кралството Србија, кое имало тесни врски со Австро-унгарската монархија.

‘Бугаризацијата’ на населението продолжува сѐ до ден денес. Бугарија прикрива и врши силен притисок етничките Македонци во Бугарија да се изјаснуваат како Бугари, иако според проценките, бројот на етнички Македонци кои живеат во Бугарија изнесува најмалку 10% од вкупното население. Бугарија има повеќедецениско проверено искуство со прикривање на бројот на етничките малцинства и тоа посебно се однесува на бројот на Турци во Бугарија и нивната присилна асимилација преку присилна промена на идентитетот, односно имињата и презимињата, да се изјаснуваат како етнички Бугари. За тоа постојат бројни докази на домашните и меѓународните организации за кршење на човековите права. На Турците во Бугарија им се одземени правата со политиката на присилна асимилација и масовните прогони од 1980-тите, под режимот на комунистичкиот диктатор Тодор Живков. Така, само во периодот од јуни до септември 1989 година, од Бугарија во Турција присилно се иселиле околу 340 илјади етнички Турци и тоа беше етничко чистење, а не доброволно заминување, како што беше претставено во тоа време“, пишува ИФИМЕС во анализата.

„Аналитичарите сметаат дека и покрај вековниот силен притисок и обидите за асимилација на денешниот простор на Република Северна Македонија, Бугарите не успеале да извршат ‘бугаризација’ на автохтоното македонско население дури ни за време на бугарската фашистичка окупација, чие спомнување Бугарија сака да го забрани во македонските учебници и јавниот простор. Словенија и Хрватска се исто така членки на ЕУ и НАТО и во своите ученици и јавниот простор тогашните Германија односно Третиот Рајх и Италија ги спомнуваат како нацистички, односно фашистички окупатори. Како што се нераскинливи врските на Бугарите со Москва, така се и нераскинливи врските на Македонците со јужнословенските народи. Да се Македонците Бугари би можело и да се очекува ако во изминатите повеќе од 100 години успееше ‘бугаризацијата’ на Македонците на денешната територија на Република Северна Македонија. Наместо тоа, ‘бугаризацијата’ доживеа целосно фијаско. Аналитичарите сметаат дека Бугарија и по повеќе од 100 години и понатаму се соочува со криза на идентитетот и неуспехот во ‘бугаризацијата’ на етничките Македонци, па сатисфакција за тоа се обидува да пронајде во блокадата на процесот на почеток на преговори на Северна Македонија со ЕУ“, се вели во анализата.

Според ИФИМЕС, Северна Македонија е успешен и докажан модел на демократска трансформација на земја во 21-от век и потребно е од страна на ЕУ, но и САД, да се прекине бугарското „изживување“ над Северна Македонија, бидејќи со тоа Бугарија го блокира процесот за сите земји од Западниот Балкан. Посебно се загрижувачки информациите дека Бугарија подготвува слична блокада и на Србија на нејзиниот пат кон ЕУ. Токму поради сето наведено, Бугарија го претставува ‘грдото лице’ на ЕУ“, заклучува институтот со седиште во Љубљана, Словенија.

 

- Реклама -