
Истражување објавено во списанието „Храна и функција“ покажало дека 60 грама кикиритки дневно може да имаат поволен ефект врз здравјето на мозокот кај повозрасни луѓе. Во студијата учествувале 31 здрав испитаник на возраст од 60 до 75 години.
Во текот на 16 недели, учесниците секојдневно јаделе по 60 грама кикиритки, а во контролната фаза целосно ги избегнувале. Резултатите покажале околу четири проценти поголем вкупен проток на крв во мозокот и подобрен инсулински одговор во областите поврзани со меморијата, меѓу кои и хипокампусот.
Според еден од авторите на студијата, Питер Џорис, чувствителноста на мозокот на инсулин може да се намалува со возраста, што е поврзано со когнитивен пад. Научниците наведуваат дека можниот ефект на кикиритките е поврзан со незаситените масти, влакната, витамините, минералите и други биолошки активни супстанции, како и со Л-аргининот.
Истражувачите сепак нагласуваат дека станува збор за студија од мал обем и дека се потребни дополнителни истражувања за да се утврди дали редовното консумирање кикиритки навистина може да го намали ризикот од Алцхајмерова болест.



