Деловите од овошјето и зеленчукот што се фрлаат често содржат повеќе влакна

Анализа на 12 видови овошје и зеленчук покажала дека во повеќето случаи лушпите, корите и семките што се фрлаат имаат повеќе влакна од вообичаено јадените делови.

5
Деловите од овошјето и зеленчукот што се фрлаат често содржат повеќе влакна (Dubravka)
Фото: Dubravka

Деловите од овошјето и зеленчукот што најчесто завршуваат во отпад, како лушпи, кори и семки, во повеќето случаи содржат повеќе диететски влакна од деловите што вообичаено се јадат, покажала анализа на 12 свежи намирници во Велика Британија.

Во 10 од 12 анализирани видови овошје и зеленчук, деловите што најчесто се фрлаат имале значително повеќе влакна од вообичаено консумираните делови. Истражувањето ја разгледувало можноста со подобро искористување на овие делови истовремено да се зголеми внесот на растителни влакна и да се намали отпадот од храна.

Реклама

Како примери се наведуваат надворешниот дел од лубеницата, со 2,10 грама влакна на 100 грама, како и кората и семките од мускатна тиква, кои содржеле 9,25 грама на 100 грама. Кората и средишниот дел на ананасот имале 453,7 отсто, односно речиси петпати повеќе влакна од месестиот дел.

Не секој дел што се фрла е побогат со влакна. Стебленцата на брокулата, според анализата, содржеле 28,4 отсто помалку влакна од цветовите што најчесто се јадат.

Истражувачите анкетирале 40 вработени и студенти на колеџ за нивниот однос кон вклучувањето на ваквите делови од намирниците во исхраната. Испитаниците посочиле психолошка непријатност, загриженост за сварливоста и недостиг од нутритивни информации како главни пречки, додека придобивките од влакната ги оцениле како посилен мотив од еколошката одржливост.

Авторите нагласуваат дека анализата опфатила само 12 видови овошје и зеленчук, а влакната биле измерени во сирова состојба. Тие сметаат дека се потребни дополнителни истражувања за практичната и безбедна примена на употребата на поголем дел од растението во различни услови.