
Театарот беше местото каде што Стјуарт се чувствуваше како дома и каде што со својот длабок, звучен глас, обоен со топлиот јоркширски акцент, можеше да ја исполни целата сала, пишува АП.
Стјуарт помина петнаесетина години во Кралската шекспировска театарска трупа, чиј поранешен уметнички директор Грегори Доран го опиша како „вистински шекспировски актер“ и „театарски актер до срж“. Во подоцнежните години создаде незаборавно актерско дуо со својот пријател Ијан Мекелен, кого го нарече „најпочитуваниот и најсакан актер на својата генерација“.
Лондонските театри во Вест Енд планираат следниот вторник навечер да ги задушат светлата во спомен на Стјуарт, кој почина во средата во Лос Анџелес, на 86-годишна возраст.
Љубовта кон Шекспир се родила уште во детството
Стјуарт успеа да стекне и филмска слава и признание на театарската сцена, рамнотежа што е исклучително тешко да се постигне.
Кога му била понудена улогата во серијата „Ѕвездени патеки“, која почна да се емитува во 1987 година, Мекелен го предупредил да не прифаќа улога во научна фантастика. Се сеќава дека му рекол да „мисли на својата театарска кариера“, наместо да ризикува „со години и години да се загуби во Холивуд“.
„Е, тој го прифати ризикот и, за среќа на сите нас, добро што го направи тоа“, напиша Мекелен на социјалните мрежи по смртта на Стјуарт.
Во текот на шест децении Стјуарт играше во драми на големи современи автори, меѓу кои Едвард Олби, Артур Милер, Семјуел Бекет и Харолд Пинтер. Но делата на Вилијам Шекспир беа неговата прва љубов и неговата ѕвезда водилка.
Додека растел во сиромаштија во северна Англија, во детство што подоцна го опиша како постојана борба за преживување, неговата љубов кон театарот ја поттикнувале наставникот по англиски јазик и неговата мајка Гледис, која играла во аматерски театарски претстави.
Како тинејџер, за свој ќеф учел напамет Шекспирови монолози. Добил стипендија за театарската академија Бристол олд вик, а потоа играл во репертоарски театри, каде што секоја недела се поставувала нова претстава. Тоа било вистинско фрлање во оган за младите актери, искуство што, како што велеше, го научило на едно едноставно правило: „Научи го текстот, застани каде што треба и не го клоцај мебелот“.
Од 1966 година Стјуарт беше еден од главните членови на Кралската шекспировска театарска трупа во текот на петнаесетина години, а подоцна повторно ѝ се враќаше. Настапи во повеќе од 40 продукции, постепено преминувајќи од споредни кон главни улоги, меѓу кои Шајлок, Просперо, Магбет, Хенри Четврти и Марко Антониј.
Доран се присети како Стјуарт во поставката на „Антониј и Клеопатра“ од 2006 година го играл љубовникот на египетската кралица како воен херој „што повеќе не може да ја оправда сопствената репутација“.
„Патрик ѝ ја врати величественоста на улогата во трагедијата што толку често се смета за ‘нејзина драма’“, рече Доран во соопштението.
Беше застрашувачки Магбет и комплициран Клавдиј
Капетанот на вселенскиот брод, Жан-Лик Пикард, кого го играше Стјуарт, имаше исправено војничко држење, но и длабока човечност. Во 2007 година Стјуарт ја спои војничката строгост со лукавството и несигурноста во Шекспировиот „Магбет“. Во режијата на Руперт Гулд, сместена во студен, дистописки свет, неговиот шкотски владетел убиец поседуваше магнетизам „налик на пантер“, како што го опиша критиката на Асошиејтед прес, и силна сексуална хемија со Лејди Магбет, која ја играше Кејт Флитвуд.
Кога претставата од Лондон се пресели во Њујорк во 2008 година, Стјуарт доби номинација за наградата Тони. Тој беше во својот елемент.
„Ова што го правам сега е сè што некогаш сум сакал да правам“, изјави за Асошиејтед прес за време на изведбите на Бродвеј. „Немав никакви други амбиции.“
Набргу потоа, во поставка на Кралската шекспировска театарска трупа, Стјуарт го играше Клавдиј, чичкото убиец на Хамлет, кој му станува и очув, додека Дејвид Тенант го толкуваше данскиот принц.
Комбинацијата на капетанот од „Ѕвездени патеки“ и Тенант, ѕвездата на „Доктор Ху“, ја направи претставата вистинска атракција. Толпи обожаватели се собираа пред службениот влез на театарот, па Кралската шекспировска театарска трупа мораше да забрани носење сувенири од научнофантастичните серии за потпишување автограми.
Но беше јасно дека изборот на глумците не е само маркетиншки трик. Критичарите го пофалија суптилниот начин на кој Стјуарт го одигра Клавдиј, улога што лесно можеше да се сведе на еднодимензионален злобен чичко, претставувајќи го како шармантен и навидум разумен државник. За оваа изведба ја доби наградата Оливие.
Стјуарт и Мекелен беа извонреден актерски тандем
Научната фантастика повторно се сретна со театарската сцена кога Стјуарт ги здружи силите со Мекелен. Двајцата актери, израснати во работнички семејства во северна Англија, а подоцна одликувани со витешки титули, првпат работеа заедно во 1977 година, во претставата „Секое добро момче заслужува награда“ на Том Стопард. Блиски пријатели станаа за време на снимањето на филмовите „Икс-мен“, во кои Стјуарт го играше професорот Чарлс Ксавиер, а Мекелен беше Магнито.
Во 2009 година двајцата играа во Бекетовата „Чекајќи го Годо“, а подоцна и во „Ничија земја“ на Харолд Пинтер, двете во режија на Шон Матијас. Претставите ги изведуваа во лондонскиот Вест Енд, на турнеја низ Велика Британија и на Бродвеј, каде што се играа наизменично, во различни денови.
Во двете драми успеаја да ги извлечат и комичните моменти и егзистенцијалната мрачност. Во Пинтеровата трагикомедија за двајца писатели, едниот сиромашен, но полн со надеж, а другиот успешен, но заробен во сопствениот живот, нивното сè пожестоко надмудрување создаваше искричав хумор и растечка напнатост.
Во „Чекајќи го Годо“ ги играа Владимир и Естрагон, двајцата скитници што чекаат мистериозен човек што никогаш не доаѓа, како комичен тандем од старите вариете-претстави.
Љубовта кон Шекспир никогаш не го напушти. За време на пандемијата на ковид-19 во 2020 година, со недели секој ден снимаше по еден Шекспиров сонет во својот дом во Калифорнија и го објавуваше на социјалните мрежи. Особено го радуваше тоа што на овој начин му придобиваше нови почитувачи на големиот драматург.
„Луѓето ми велат: ‘Ги обожаваме твоите сонети. Продолжи да ги објавуваш’“, изјави Стјуарт за Би-би-си.
„Со оглед на тоа колку го сакам Шекспир и на фактот дека моментално живеам во јужна Калифорнија, навистина ми причинува огромно задоволство и возбуда кога луѓето ме запираат на улица за да разговараат со мене за Шекспир и неговите сонети.“



