
Мицкоски рече дека го следел протестот на младите против насилството врз жените и дека ги разбира и прифаќа нивната бунтовност, пораки и ставови.
„Морам да кажам дека навистина сум шокиран од низата случаи на насилство врз жените кои секако мора да бидат проследени со институционален одговор. И тоа не само од МВР, туку и од оние превентивни механизми кои не смеат да дозволат да стигнат работите до тој степен, но и со соодветен одговор и од обвинителските и судските инстанци“, нагласи Мицкоски.
Тој им порача на младите дека во него може да гледаат соговорник и соработник во борбата против насилството. Според него, вистинските решенија се носат на маса низ дијалог, а младите се добредојдени и во дебатата за предлог-законските измени за поефикасна заштита од семејното насилство.
На конференцијата Мицкоски најави три мерки за младите, насочени кон егзистенцијата и домувањето. Една од нив предвидува градежните компании што ќе градат станбени единици да одделат најмалку 10 проценти од станбената површина за брачни парови до 35 години, по цена најмалку 20 проценти пониска од пазарната.
Како втора мерка ја посочи законската одлука со која општините нема да наплаќаат комуналии за брачни парови до 35 години што ќе градат куќа или свој дом.
Конференцијата на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ се одржува во салата „Расадник“ во општина Кисела Вода, под мотото „Нашата генерација – нашата Македонија“.





