СДСМ нема да ја поддржи Резолуцијата за националните „црвени линии“ ако во текстот се избегнува „Северна“

СДСМ целосно стои зад заштитата на македонскиот јазик и идентитет, но нема да учествува во кршење на Уставот и да ја поддржи Резолуцијата за „црвените линии“ поднесена од ВМРО-ДПМНЕ доколку во неа не се употребува уставното име на државата – „Северна Македонија“, изјави денеска премиерот Зоран Заев.

„Ако некој сака да го избегне уставното име, нека го прави тоа сам. Ние во тоа нема да партиципираме“, рече Заев, категорично потсетувајќи дека уставното име е „Северна Македонија“ без оглед дали некому тоа му се допаѓа или не, затоа што, како што рече, граѓаните за тоа прашање се изјасниле на референдум, а согласно Уставот таква одлука изгласаа и две третини од Парламентот, во 130-дневна дискусија со три гласања.

На новинарско прашање, Заев додаде и дека спорно е и тоа што опозицијата законите ги поднесува до „Собранието на Република С. Македонија“. Зборчето „Северна“ е дел од Преспанскиот договор кој веќе е закон и е дел од Уставот, порача тој.

„Очекувам да се почитува Уставот од страна на сите, а политичките партии треба да бидат први. Непочитувачи ако се граѓаните сигурно ќе имаат реперкусии, а политичките партии не е во ред да останат неказнети и да сносат последици зашто така им текнало или им паднало на памет да не го употреуваат уставното име, односно да не го почитуваат Уставот“, подвлече Заев.

Прочитајте и:  Филипче: Не можам да објаснувам потекло на пари за нешто што немам, немам ниту хациенда, ниту луксузно возило

Според опозициската ВМРО-ДПМНЕ, ова претставува промена на ставот на СДСМ и Заев, кои, велат од опозицијата, првично ја прифатија резолуцијата таква каква што е. Со тоа, СДСМ бара формална пречка со цел неносење на Резолуцијата, сметаат тие.

„Во Резолуцијата се цитирани два документи. Првиот е резултатот од Референдумот на Република Македонија одржан на 8 септември, (излезена во службен весник 91, 43/91) и вториот – Декларацијата за развој на односите на РМ со ЕУ усвоена во Собранието на 4 февруари 1998 година (во Службен весник 7/98), кога Уставното име на РМ било цитирано. Документите секогаш се пишуваат во оргинална форма, во изворна форма. Ако мисли Заев да ја прекрстува РМ уште од ’91-ва, уште од Референдумот одржан од граѓаните на РМ, може да го толкува како сака. Развојот на настаните ќе го видиме на седнаца на која на дневен ред ќе се најде Резолуцијата“, изјави за „Локално“ координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ – Никола Мицевски. Според него, со „промената на ставот на Заев“ завршува и играта „добар полицаец/лош полицаец“ на СДСМ и ДУИ.

- Реклама -