
Според задолженијата, Агенцијата за храна и ветеринарство треба да ги залови и одземе говедата, а Агенцијата за управување со одземен имот да ги преземе, транспортира, смести и згрижи. Министерството за внатрешни работи треба да обезбеди полициска асистенција, Центарот за управување со кризи да ја координира операцијата, а Дирекцијата за заштита и спасување да обезбеди логистичка, техничка и кадровска поддршка. Бирото за процена ќе ја утврдува вредноста на одземениот добиток.
Митовски предупреди дека сè уште нема конкретни рокови за донесување на Акцискиот план ниту за почетокот и завршувањето на активностите на терен. Акцијата се однесува на говедата за кои има правосилни и извршни решенија за одземање, а постапувањето со останатиот добиток останува отворено прашање. Нема одговор ниту за обесштетувањето на граѓаните што претрпеле материјална штета.
Проблемот со неконтролираното движење на говедата со години предизвикува реакции кај жителите на Крива Паланка, кои пријавуваат штети на имотите и конфликти. Општината во изминатиот период повеќепати барала институционална интервенција, а Митовски предупредувал дека локалната самоуправа нема законски овластувања самостојно да го реши проблемот.





