
Изложбата го насочува вниманието кон животните со кои ги споделуваме нашите средини, истории и иднини, чии животи најчесто остануваат на маргините на човечкото внимание, грижа и одговорност. Преку дела на меѓународни и македонски уметници се отвораат прашања за односите на моќ меѓу луѓето и другите видови, насилството и експлоатацијата, но и за можностите за солидарност, меѓузависност и поинакви форми на заедничко живеење.
Во време на климатска криза, забрзано исчезнување на видовите и сè поизразена еколошка нерамнотежа, односот кон животните станува едно од суштинските прашања за тоа како го разбираме светот и нашето место во него. Изложбата го преиспитува човекот како центар на светот и како единствен носител на вредност, знаење и право на постоење, а животните ги препознава како живи суштества со сопствени искуства, чувства, меморија, начини на комуникација и потреби.
„Со оваа изложба сакаме да го поместиме прашањето за животните од маргините на општественото внимание во средиштето на разговорот за тоа како живееме заедно. Животните не се некаде надвор од нашите животи, туку се дел од нашите секојдневни простори, односи и заедници. Начинот на кој се однесуваме кон нив открива многу за тоа како ја разбираме грижата, солидарноста и одговорноста. Затоа изложбата не е само за животните, туку и за нас самите, за границите на нашата емпатија и за можноста да замислиме поинакви односи на заедничко живеење“, истакнуваат кураторките.
Иако изложбата се занимава со глобални еколошки и политички прашања, нејзината појдовна точка е и непосредната реалност во Македонија. Бездомните кучиња и другите животни на улиците на Скопје се дел од секојдневието на градот, но се изложени и на занемарување, насилство, труење и убивање.
Изложбата ја преиспитува институционалната одговорност, селективноста на сочувството и општествената толеранција кон насилството, како и начините на кои се одлучува чии животи заслужуваат заштита, а чии остануваат незабележани.
Музејот на современата уметност – Скопје се грижел за две кучиња кои станале дел од неговото секојдневие. Во рамките на изложбата музејот воспоставува соработка со организации и иницијативи посветени на заштитата и благосостојбата на животните, со намера заеднички да придонесе кон нивната работа и да поттикне конкретни форми на помош и поддршка.
Соработката е замислена како почеток на долгорочна практика на грижа, солидарност и заедничка одговорност, која би продолжила да се развива и по завршувањето на изложбата.
„За нас е важно изложбата да не остане само простор во кој зборуваме за грижата, туку да биде и повод таа да се практикува. Музејот веќе се грижеше за две кучиња, што е мал, но значаен пример за тоа како институцијата може да развива однос на одговорност кон другите живи суштества. Со соработката со организациите што секојдневно се посветени на заштитата на животните, сакаме да ја прошириме таа практика и заеднички да помогнеме таму каде што помошта е најпотребна. Нашата желба е ова да не заврши со изложбата, туку да стане долгорочна форма на соработка и институционална грижа“, додаваат кураторките.
Изложбата обединува различни уметнички практики што се занимаваат со повеќевидовската етика, политиките на грижа, нечовечката перцепција и јазик, страдањето на животните во системите на човечко насилство, формите на животински отпор и можностите за солидарност и коегзистенција меѓу видовите.
Проектот се надоврзува на долгорочниот кураторски истражувачки проект „Сè што ни е заедничко“, започнат во 2018 година, кој низ серија меѓународни изложби ги истражува солидарноста, социјалната правда, политичката имагинација и алтернативните форми на коегзистенција.
На изложбата учествуваат Аби Палмер, Ахмет Огут, Гал Кирн, Дритон Селмани, Ѓорѓе Јовановиќ, Елене Глонти, Изабела Левенска Миљаниќ, Илија Прокопиев, Јане Чаловски, Кикуја Сатоши, Клелија Живковиќ, Крсто Глигорјадис, Марија Цагкари, Маурицио Гати, Немања Миленковиќ, Оља Триашка Стефановиќ, Осама Затар, Роман Селим Кередин, Христина Иваноска и Ченг Синхао.




