Митовски бара законски мандат за решавање на проблемот со кравите во Крива Паланка

Градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, побара Владата и Агенцијата за храна и ветеринарство итно да утврдат законски механизам за Општината да ја координира акцијата за отстранување на добитокот од улиците и имотите на граѓаните.

0
Митовски бара законски мандат за решавање на проблемот со кравите во Крива Паланка (Опсервер)
Фото: Опсервер

Во објавата на прес-конференцијата Митовски побара од Владата и Агенцијата за храна и ветеринарство итно да утврдат законски механизам за Општина Крива Паланка да ја координира акцијата за отстранување на добитокот од улиците и имотите на граѓаните. Акцијата, според барањето, треба да се спроведе со надлежните институции и под ветеринарен надзор.

Тој рече дека правосилните и извршни решенија за одземање на животните постојат повеќе од две години, но сè уште не се целосно спроведени, а граѓаните предолго трпат материјални штети.

Реклама

„Не барам да ги заобиколиме институциите или законите. Напротив, барам институциите да создадат услови во кои ќе можеме да постапуваме заеднички, организирано и законски“, истакна Митовски.

Градоначалникот оцени дека префрлањето на одговорноста меѓу институциите нема да донесе конкретен резултат и повика на заедничко постапување. Тој рече дека приоритет е проблемот да се реши и дека Општината е подготвена да преземе поголема улога во акцијата штом се обезбедат законските услови.