Прескокни до содржината
Реклама

Полесен начин за премин на новиот Galaxy Z Fold8

Полесен начин за премин на новиот Galaxy Z Fold8
Фото: Опсервер

Скопје, 26 август 2026 година – Набавувањето нов телефон треба да биде возбудливо, но пренесувањето податоци од постоечкиот уред понекогаш може да биде макотрпно. За корисниците кои преминуваат од iOS на Galaxy, можноста лесно да ги пренесат постоечките податоци и поставки е важен дел од искуството.

Smart Switch е апликацијата на „Samsung“ за пренос на податоци[1] која им овозможува на корисниците лесно да префрлат контакти, фотографии, видеа, пораки, апликации, поставки и друго, од уред со Android или iOS оперативен систем на нов Galaxy уред. Со One UI 9 на новата серија Galaxy Z од осмата генерација, Smart Switch го прави преминот од еден на друг уред полесно и поглатко од порано. Исто така, подобрена е и функцијата Quick Share, со што се олеснува споделувањето датотеки со пријатели, семејството и колегите кои користат различни платформи.

Започнете да префрлате само со скенирање на QR код

Со One UI 9, корисниците повеќе не треба да ја инсталираат апликацијата Smart Switch одделно, на нивниот iOS уред. Со едноставно скенирање на QR-кодот прикажан на нивниот нов Galaxy, тие можат да започнат со пренос на податоци преку Smart Switch.

Унапредената Smart Switch апликација исто така го олеснува безжичното поврзување. Двата уреди можат да се поврзат без корисниците да треба да го најдат соодветниот кабел или адаптер пред да го постават нивниот нов телефон.

Понесете повеќе од вашиот телефон со вас

Со One UI 9, Smart Switch ги прошири типовите на податоци што можат да се префрлат од iOS уреди на Galaxy. Покрај претходно поддржаните податоци како што се фотографии, пораки, контакти, календари и апликации, корисниците можат да префрлат и лозинки и клучеви за пристап, историја на повици, поставки за пристапност и информации за eSIM.

Овие податоци и датотеки можеби се помалку видливи од библиотеката со фотографии, но можат да направат голема разлика во тоа колку брзо новиот уред ќе биде подготвен за употреба. Зачуваната лозинка значи една сметка помалку што треба повторно да се постави. Пренесувањето на поставките за пристапност може да ја намали потребата за повторно создавање персонализирано искуство. Може да се пренесат и информациите за eSIM, со што се олеснува продолжувањето со користење на постоечката мобилна поставка.

Доживејте го Galaxy попознато

Без разлика дали преминуваат на Galaxy Z Fold8 Ultra, Z Fold8 или Z Flip8, корисниците можат од самиот почеток да направат својот нов уред да се доживува познато. Покрај пренесувањето податоци, тие можат да ги приспособат клучните поставки како што се гестовите со повлекување (Swipe) и распоредот на почетниот екран, за да одговараат на начинот на кој го користат својот телефон. Со апликацијата за приспособување на корисничкиот интерфејс, Good Lock, корисниците можат да ги персонализираат и почетниот екран, префрлањето апликации и многу повеќе, што им дава поголема слобода да го користат Galaxy на начинот што најмногу им одговара.

За оние што преминуваат од iOS на Galaxy, овие опции можат да помогнат да се рекреираат познатите начини на навигација и организирање од претходниот паметен телефон, со што се намалува периодот на прилагодување што може да дојде со преминувањето во нова средина. Ова им помага на корисниците да се навикнат на нивниот нов Galaxy поудобно и поприродно од самиот почеток.

Продолжете со споделување по префрлувањето

Промената на паметниот телефон не значи дека и сите околу корисникот ќе го променат својот.

Пријателите, семејството и колегите може да продолжат да користат различни уреди, што го прави споделувањето помеѓу различни платформи важен дел од искуството долго откако ќе заврши поставувањето. Уредите со One UI 9 и One UI 8.5 може да имаат корист од подобреното искуство за споделување помеѓу уреди[2] со Quick Share. Со компатибилноста со AirDrop, Quick Share го олеснува споделувањето датотеки помеѓу уредите со Galaxy и iOS.

Изборот на нов паметен телефон треба да се заснова на искуството што луѓето го сакаат следно. Со поедноставување на процесот на префрлување, проширување на содржините што можат да се пренесат и олеснување на континуираното споделување потоа, „Samsung“ ги намалува практичните бариери меѓу екосистемите на паметните телефони.

Резултатот е поедноставен начин за префрлање на Galaxy, при што се пренесуваат и сите работи што веќе се важни.

[1] Преносливите податоци може да варираат во зависност од оперативниот систем на уредот (Android или iOS), верзијата на оперативниот систем и методот на поврзување. Преносот на податоци од iOS уред на Galaxy уред со користење на надградениот метод е достапен на уреди со Android 17 или понова верзија и iOS 26.6 или понова верзија во региони надвор од континентална Кина.

[2] Функцијата “Сподели со iOS уреди” (“Share with iOS devices“) моментално е поддржана најпрво на одбрани водечки модели, вклучувајќи ги Galaxy Z Fold8 Ultra, Galaxy Z Fold8, Galaxy Z Flip8 и Galaxy S26, а поддршката е планирано да се прошири и на други модели во иднина.

Машините за перење и сушење со вештачка интелигенција ја познаваат вашата облека подобро отколку што ја познавате вие

Машините за перење и сушење со вештачка интелигенција ја познаваат вашата облека подобро отколку што ја познавате вие
Фото: Опсервер

Низ Европа, очекувањата за домашните апарати брзо се менуваат. Samsung Bespoke AI серијата е создадена за да одговори на нив со интелигенција, ефикасност и грижа вткаени во секој циклус.

– Размислете кога последен пат навистина уживавте додека перевте алишта. За повеќето од нас, тоа е обврска што треба да се заврши, а не нешто на кое му се радуваме. Но, нешто се менува. Низ Европа, 73%[1] од потрошувачите велат дека сакаат апарати за перење со премиум функции како паметни сензори, функционалност со вештачка интелигенција и дизајн што навистина го олеснува секојдневниот живот. Во меѓувреме, 53%[2] од домаќинствата сега ја рангираат енергетската ефикасност и AI оптимизацијата како клучен фактор при изборот на нови апарати за перење. Побарувачката за функции за практичност, како што е функцијата со пареа, исто така порасна за 19%[3]на годишно ниво помеѓу 2024 и 2025 година. Пораката е јасна: луѓето не сакаат само машина за перење. Тие сакаат попаметен начин на живеење.

Интелигенција што се приспособува на вас

Поминавме долг пат од првите рачни машини за перење. Денешните потрошувачи бараат попаметни функции што обезбедуваат поефикасно и поквалитетно перење, а Samsung AI Wash е создаден токму со тоа на ум. Ниту едно перење не е сосема исто. Малку носена кошула бара многу поинаков третман од каллива спортска опрема, а AI Wash го разбира тоа.

Наместо да се потпира на однапред поставени програми, AI Wash[4] користи вградени сензори за да ја детектира тежината на вашата облека, да ја процени мекоста на ткаенината и да измери колку навистина е валкана облеката. Потоа автоматски ги прилагодува нивото на вода, количината на детергент, времето на натопување и плакнење и циклусите на центрифугирање — сето тоа во реално време и без вие да мрднете со прст. Резултатот? Облека што излегува чиста, секој пат. Тоа е перење со прецизност, а не со претпоставување.

Енергетска ефикасност без компромис

За сè поголемиот број Европејци кои гледаат вистинска вредност во ефикасните енергетски перформанси, Bespoke AI машината за перење ги исполнува очекувањата токму таму каде што е најважно. Најновиот модел троши до 65% помалку енергија[5] од минималните барања за класа А. Преку апликацијата SmartThings, AI Energy Mode[6] постојано ја следи и оптимизира потрошувачката на енергија, интелигентно прилагодувајќи се во текот на циклусите за да го намали вашето влијание врз животната средина без да ги жртвува перформансите. Пониски сметки значат помало влијание и попаметен дом.

Чистење со пареа што продира подлабоко од површината

Додека функцијата со пареа станува една од најбрзо растечките функции во премиум категоријата на апарати за перење, Samsung Hygiene Steam технологијата обезбедува навистина трансформативно чистење. Пареата се ослободува директно во барабанот, продирајќи во влакната на ткаенината за да елиминира до 99,9%[7] од бактериите, а истовремено ги неутрализирајќи ги алергените од домашните грини, поленот, влакната од домашни миленици и габите, невидливите закани што стандардниот циклус на перење едноставно не може да ги отстрани.

Беспрекорно чистење, прекрасно нежно

Навистина чистата облека не треба да значи нејзино изложување на непотребно абење. Samsung AI Ecobubble технологијата го раствора детергентот во фина, продорна пена уште пред циклусот да започне. Технологијата е особено моќна при пониски температури, подобрувајќи го отстранувањето на нечистотиите до 20%[8], а меурчињата помагаат нечистотијата да се одвои од ткаенините без користење висока температура. Помалку перења на висока температура значат облека што подолго изгледа како нова. AI Ecobubble е многу ефикасна со циклусот Less Microfiber, бидејќи нежните меурчиња го намалуваат ослободувањето на микро влакна од синтетичката облека до 54%[9].

Контрола во ваши раце, од каде било

Bespoke AI серијата ја става контролата токму таму каде што ја сакате. Користете го впечатливиот 7-инчен Smart Screen за да поставите циклуси и да го проверите напредокот или едноставно побарајте од Bixby, надградениот гласовен асистент на „Самсунг“ („Samsung“), да го направи тоа наместо вас. Започнете перење додека сте надвор, прилагодете ги поставките среде циклусот од вашиот телефон или дозволете SmartThings екосистемот беспрекорно да управува со сè како дел од вашиот поширок поврзан дом.

Бидејќи во својата суштина, токму тоа е она што луѓето навистина го бараат: 73% бараат попаметни апарати со вештачка интелигенција, а повеќе од половина ја ставаат енергетската ефикасност над сè. Апаратите со вештачка интелигенција го испорачуваат токму тоа на европските потрошувачи кои очекуваат повеќе од своите апарати: помалку напор, помала потрошувачка на енергија и интелигентна грижа за работите што ги ценат. Bespoke AI серијата го претвора секое од тие барања во завршена работа.

За дополнителна безгрижност и долготрајна сигурност во вашиот дом, „Samsung“ подготви и посебна понуда за 2+3 години продолжена гаранција на апаратите за домаќинство. Искористете ги сите предности на иновативната AI технологија и обезбедете вкупно 5 години заштита и поддршка за вашиот нов апарати.

[1] SmartLabX (надворешен) | Патека на купување на DA | Обединето Кралство, Полска и Италија | Март 2026

[2] NIQ gfknewron Consumer, глобално (освен Северна Америка и Русија), фактори за избор на мали апарати за домаќинство (SDA) по категорија, втор квартал 2024 – прв квартал 2025 г.

[3] NIQ Market Intelligence: Следење на продажбата. Глобално (освен Северна Америка и Русија), опфат на канали: малопродажба, раст на приходот од продажба (2025 наспроти 2024).

[4]Врз основа на интерни тестирања на Samsung. Потрошувачката на енергија на моделот WF90H/24 (9 kg) постигнува EEI од 18,2 (18,2 kWh / 100 циклуси), што претставува до 65 % поголема енергетска ефикасност во споредба со минималниот праг за класа А (EEI 52 за модели од 9 kg) според Регулативата (ЕУ) бр. 2019/2014. Резултатите може да варираат во зависност од условите на користење. Енергетските карактеристики се тестирани со програмата Eco 40–60.

[5] Врз основа на интерни тестирања на Samsung. Потрошувачката на енергија на моделот WF90H/24 (9 kg) постигнува EEI од 18,2 (18,2 kWh / 100 циклуси), што претставува до 65 % поголема енергетска ефикасност во споредба со минималниот праг за класа А (EEI 52 за модели од 9 kg) според Регулативата (ЕУ) бр. 2019/2014. Резултатите може да варираат во зависност од условите на користење. Енергетските карактеристики се тестирани со програмата Eco 40–60.

[6] Режимот AI Energy е достапен само за одредени програми. Може да се примени кога избраната температура на перење е меѓу 20 и 40 °C. Се заснова на внатрешно тестирање на моделот WW11BB944AGB при нормални услови на употреба. Заштеда на енергија до 70% се постигнува со перење на пониски температури со технологијата Ecobubble во споредба со стандардните поставки. Резултатите може да варираат во зависност од облеката и условите на употреба.

[7] Врз основа на извештајот од испитувањето на Intertek за програмата Hygiene Steam. Ги елиминира 99,9% од одредени бактерии. Врз основа на испитувањата спроведени од Британската фондација за алергии (BAF) за програмата Hygiene Steam. Намалувањето на алергените се однесува на изложеноста на грини од домашна прашина, мачки, кучиња, полен од трева и габи. Резултатите може да варираат во зависност од индивидуалните услови на употреба.

[8] Врз основа на внатрешно тестирање спроведено во согласност со стандардот IEC 60456-2010, со полнење од 4 kg, споредувајќи ги програмите „Памук“ (стандардна) со Ecobubble и „Памук“ (стандардна) без Ecobubble. Резултатите може да варираат. Функцијата за препознавање на ткаенината користи алгоритам со вештачка интелигенција и се активира само кога е избрана програмата AI Wash(+). Таа препознава 5 видови ткаенини (памук, деликатни материјали, крпи, тексас, облека за на отворено) при полнење до 2 kg. Точноста на препознавањето може да варира во зависност од составот на ткаенините.

[9] Врз основа на тестирање спроведено од лабораторијата „Ocean Wise Plastics Lab“ со полнење од 2 kg составено од дуксери од 100% полиестер. Спореден е циклусот „Synthetics“ на конвенционалниот модел на Samsung WW4000T со циклусот „Less Microfiber“ на моделот WW7000B. Резултатите може да варираат во зависност од облеката и условите.

Гејмингот го намалува стресот и ја зголемува среќата

Поседувањето видеоконзола носи подобро расположение и поголема животна сатисфакција, но придобивките исчезнуваат ако се игра повеќе од три часа дневно.
Играњето видеоигри може позитивно да влијае врз менталното здравје и емоционалната благосостојба кај луѓето од сите генерации, соопштија истражувачите од Универзитетот Нихон во Токио. Опсежното истражување опфати повеќе од 97.000 испитаници и покажа дека редовниот гејминг го намалува психолошкиот стрес. Сепак, сите позитивни ефекти врз психолошката состојба исчезнуваат доколку дневното време поминато пред екранот надмине три часа.

Истражувањето објавено во списанието Nature Human Behaviour искористи специфична ситуација во Јапонија за време на пандемијата. Поради недостиг на уреди меѓу 2020 и 2022 година, трговците ги доделуваа конзолите PlayStation 5 и Nintendo Switch преку јавна лотарија. Овој метод им овозможи на научниците да споредат две речиси идентични групи луѓе, оние кои освоиле право да купат уред и оние кои немале среќа.

Податоците откриваат дека самото поседување гејмерска конзола го зголемува задоволството од животот и го намалува менталниот притисок. Анализата покажа и интересни демографски разлики. Уредот Nintendo Switch покажа посилни позитивни ефекти кај помладата популација и женските учесници, додека PlayStation 5 имаше поизразено позитивно влијание врз помладите мажи и возрасните лица без деца.

Научниците подвлекуваат дека видеоигрите нудат значајна социјална поврзаност и когнитивни предизвици, што е особено корисно и за постарите генерации. Меѓутоа, придобивките целосно се губат кај корисниците кои поминуваат повеќе од три часа дневно во играње.

Авторите напоменуваат дека податоците се собирани во специфични пандемиски услови, но сепак јасно укажуваат дека гејмингот бара умереност за да остане корисен за умот.

Темната страна на AI индустријата објавува Журнал.мк

Додека директорите на технолошките компании кои вложуваат стотици милијарди долари во вештачка интелигенција (AI) со години најавуваат дека оваа технологија ќе им овозможи на луѓето да работат помалку, реалноста за нивните вработени изгледа потполно поинаку.

Работниците во компаниите како Google, OpenAI и Meta, кои ги развиваат и ги користат овие алатки, известуваат за работни недели кои се значително подолги од 40 часа, а понекогаш достигнуваат и до 90 часа. За контрадикторноста меѓу ветувањата за пократко работно време и културата на прекувремена работа во срцето на технолошката индустрија пишува BBC.

Ветувања и вистински услови

Еден од директорите за инженерство во Google уште пред четири години предвиде дека AI до 2025 година ќе воведе четиридневна работна недела. На таа идеја на почетокот од оваа година се надоврза и OpenAI, кој јавно ги повика компаниите да почнат да тестираат скратена работна недела без намалување на платата.

Аргументот беше дека вештачката интелигенција наскоро ќе ја зголеми продуктивноста толку многу што корпоративниот свет мора да се подготви за промени. Сепак, поранешен вработен во OpenAI, кој ја напушти компанијата минатата година, изјави за Би-Би-Си дека компанијата никогаш не го пробала моделот додека тој бил таму.

Наместо тоа, тој опиша исцрпувачка работна култура со чести кризни состаноци, работа за време на викендите и агресивен систем за оценување на перформансите поради кој колегите одеднаш беа отпуштени. „Доаѓате во сабота или недела само за да се надополните или да се осигурате дека системот не се срушил“, рече тој.

Слични пораки за иднината на работата доаѓаат и од други. Компанијата Anthropic се пофали дека нивниот чет-бот Клод може да работи самостојно седум часа без пауза. Марк Цукерберг од Мета рече дека вештачката интелигенција „драматично го менува начинот на кој работиме“ и им овозможува на помалку вработени да постигнат повеќе.

Во меѓувреме, „Мета“ отпушти еден од десет работници, а извршниот директор на „Антропик“, Дарио Амодеи, предупреди дека зголемената продуктивност на алатките за вештачка интелигенција може да доведе до уште поголеми масовни отпуштања.

Иако работниците во американскиот технолошки сектор се добро платени, 14-часовниот работен ден не бил секогаш норма. Со години тоа било класична канцелариска работа од девет до пет. Поранешен вработен во OpenAI вели дека работел најмалку 70 часа неделно.

Денес, тој работи во стартап за вештачка интелигенција каде, како што вели, неговата рамнотежа помеѓу работата и животот е подобра, со работна недела од 50 до 60 часа, „освен за време на спринтови“. Спринт е термин за период на интензивна прекувремена работа што трае со недели пред да се лансира нов производ.

Во компаниите за вештачка интелигенција, ваквите спринтови можат да бидат екстремни. Во OpenAI и Anthropic, според вработените интервјуирани од BBC, работната недела за време на спринт може да трае повеќе од 90 часа. Листираните компании не одговорија на барањето за коментар.

Мобилизација за проекти за вештачка интелигенција
Вработените во Мета велат дека оваа година, брзо биле префрлени во тимови за итни проекти за вештачка интелигенција. Тие го нарекуваат тој процес мобилизација бидејќи немале избор. „Тие едноставно ве префрлаат. Не можете да кажете не – а ако го сторите тоа, мора да дадете отказ“, објасни поранешниот вработен.

Тој додаде дека Мета неодамна го омекнала тој пристап, но дури откако многумина веќе биле принудени да работат таква работа. Работните денови во овие тимови се долги, тие работат до доцна во ноќта и за време на викендите, а вработените се чувствуваат како постојано да се на повик.
Во САД нема законски ограничувања за бројот на работни часови за лица над 16 години, за разлика од Европа, каде што работната недела е ограничена на 48 часа. Вработените велат дека тековните проекти за вештачка интелигенција на „Мета“ вклучуваат развој на алатки кои треба да ги заменат луѓето.

„Буквално работите во тимови обидувајќи се да создадете замена за луѓето што ги работат тие работи“, рече поранешниот вработен, додавајќи дека работата изгледа бесконечна. Портпаролот на Мета одби да коментира за овие обвинувања.

Последици за целата компанија
Притисокот го чувствуваат и вработените кои не се директно вклучени во развојот на алатки за вештачка интелигенција. Амин Шали го напушти Google во мај затоа што сметаше дека вештачката интелигенција негативно влијае на неговиот бизнис. Честопати мораше да работи ноќе затоа што внатрешните системи беа нефункционални, што стана почесто бидејќи Google ги префрли клучните ресурси како што е процесорската моќ кон проекти за вештачка интелигенција.

Портпаролот на Google одби да коментира. Шали вели дека по напуштањето на компанијата му се подобрило општото здравје и сонот. Според него, големото потпирање на вештачката интелигенција во големите компании „создава лоша култура со преголем притисок врз инженерите“.

Заштеда на време изедено од новата работа
Новото истражување потврдува дека алатките за вештачка интелигенција можат да го отежнат обемот на работа. Студија од УК Беркли следеше стотици работници во технолошка компанија и откри дека по воведувањето на алатките за вештачка интелигенција, вработените „работат со побрзо темпо, преземаа поширок опсег на задачи и работеа повеќе часови дневно“.

Нил Томпсон, истражувач за иновации во MIT, вели дека е нереално да се очекува работниците во компаниите за вештачка интелигенција само да ги запалат своите алатки и да си одат дома. „Ова доведува до ситуација во која дури и заштедата во реално време би била изедена од самите промени, нивната имплементација и верификацијата на работата на системот“, објаснува Томпсон.

Истражувањето од Беркли покажа дека обемот на работа е зголемен и поради потребата постојано да се проверува што произведува вештачката интелигенција. Томпсон додава дека луѓето обично го исполнуваат заштеденото време со нова работа, или затоа што сакаат или затоа што чувствуваат дека мора да ја докажат својата вредност.

„Луѓето претпоставуваат дека 20% помалку работа значи четиридневна работна недела“, вели Томпсон. „Но, секогаш има нови задачи.“ Како што забележа Шали, „Вештачката интелигенција треба да прави толку многу за нас сега што барем повеќе луѓе треба да бидат поздрави и да спијат подобро.“ Се чини дека се случува спротивното. објавува Журнал.мк

Косата од фризерските салони завршува во морето. Бразил ја користи за да направи заштитни бариери?

Нова еколошка иницијатива користи човечка коса за заштита на океаните. Донирана коса се користи за да се направат бариери што штитат делови од бразилскиот брег од загадување предизвикано од излевање нафта, објавува Euronews.

Технологијата, која веќе се користи во други земји како Чиле и САД, ја инспирираше Маријана Робран, основач на невладината организација Fiotrar, да го започне и развие проектот во Бразил. Првите тестови беа спроведени во Енсеада де Бом Хесус, на брегот на заливот Гуанабара во државата Рио де Жанеиро, каде што веќе постоеше бариера за задржување на отпадот.

„Овие филтри се прикачени на портокалова лебдечка бариера што го заробува отпадот, која ја користиме како потпора за бариерата на Fiotrar“, објаснува инженерката за животна средина Ана Беатрис Гонсалвес, која е задолжена за неделното одржување на новите бариери.

Филтрите исполнети со коса ја заробуваат нафатата

Во заливот Гуанабара, наместо мали чамци чии екипажи фрлаат мрежи за да ловат риби, сега е вообичаено да се види еден вид цилиндар исполнет со коса што се спушта во водата за да се создаде бариера што ја заробува нафтата, биодизелот и другите загадувачи.

Бариерите можат да останат во морето до четири месеци, заробувајќи го загадувањето „од чамци, нелегални испуштања и други извори на загадување“, објаснува хемичарката Каролина Карваљо. Проектот потекнува од земја со голем број фризерски салони, поради што има голем потенцијал бидејќи неговата главна суровина е речиси неисцрпна.

Околу десетина фризерски салони донираат исечена коса што нема да се користи за правење перики, а овие еколошки ќебиња се направени од неа. Косата може да се користи и за филтрирање и апсорпција на масло.

За Маријана Робран, основач на невладината организација, користењето на косата за хуманитарни цели не е ништо ново. Во 2013 година, таа го започна добротворниот проект Кабелегрија, кој има за цел да направи перики од донирана коса за пациенти со рак.

Дамките од нафта им штетат на рибарите
Поради интензивниот поморски сообраќај и постојаното пристигнување и заминување на бродови, заливот Гуанабара е изложен на разни видови загадување со децении, поради што е избран како едно од тест локациите за проектот. Во разговор за Асошиејтед Прес, локалниот рибар Серхио Карваљо го опиша сериозниот проблем со загадувањето во областа.

„Кога излегуваме на риболов со нашите мрежи, често наидуваме на дамки од нафта што ни ја отежнуваат работата. Нафтата останува на површината, но влијае на сè до длабочина од околу еден и пол метар. Рибите исчезнуваат“, рече тој. Рибарската заедница, како и сите еколошки групи вклучени во проектот, се надеваат дека овие бариери од влакна ќе помогнат во обновувањето на екосистемот и ќе придонесат за намалување на загадувањето во заливот.

Ајкули како метеоролози -научниците ги користат за да предвидат урагани …

Од главен лик во хорор филмот „Ајкула“ до филмовите како „Шаркнадо“, ајкулите со децении се претставуваат како едни од најголемите водни „чудовишта“. Сепак, научниците пронајдоа сосема поинаква улога за нив, овие морски предатори би можеле да им помогнат на луѓето навреме да откријат колку ќе биде силен ураганот што се приближува кон брегот, пишува „Ројтерс“.

Истражувачите на Универзитетот во Делавер во САД ја истражуваат можноста ајкулите да станат еден вид „мобилни набљудувачи“ на океанот. Тие поставуваат мали електронски уреди на своите перки кои собираат податоци за температурата, длабочината и соленоста на морето. Информациите потоа се пренесуваат преку сателити и можат да се користат за подобрување на океанографските, атмосферските и климатските модели.

Особено важна информација за научниците е температурата на горниот слој на океанот. Токму овој слој претставува еден вид „гориво“ за ураганите – колку е потопла водата, толку посилни можат да бидат бурите.

Затоа истражувачите избираат видови ајкули кои патуваат на долги растојанија и излегуваат на површина доволно често за сензорите да ги испратат собраните податоци до сателитска мрежа. Меѓу видовите што се покажаа како особено погодни за истражување во Северниот Атлантик се краткоперката мако-ајкула, сината ајкула, мазната ајкула-чекан и младите бели ајкули.

Поставувањето на сензорите започнува на почетокот на мај, кога некои високо миграциски видови се приближуваат кон американскиот брег откако ќе останат во подалечните делови на Атлантикот. Потоа истражувачите одат со брод помеѓу 50 и 65 километри од брегот, поставуваат мамки и чекаат ајкулата да загризе. Кога ќе биде фатена, сензорот се прикачува на грбната перка, а целата постапка трае само неколку минути.

Уредот е направен така што со текот на времето паѓа од животното, додека ајкулата се испитува пред да се пушти во морето за да се утврди дека е здрава и дека не претрпела никаков стрес што би можел да влијае на нејзиното природно однесување. Научниците исто така се грижат нивното истражување да влијае на животните што е можно помалку.

За разлика од филмските прикази на огромни ајкули што ги тероризираат пливачите, научниците ги гледаат овие животни како исклучително корисни сојузници. Еден од истражувачите живописно го опиша проектот, велејќи дека ајкулата практично „ја прави својата промена“, собира температурни профили, а потоа продолжува по својот пат.

Доколку проектот се покаже како успешен, податоците собрани од ајкулите би можеле да ги подобрат прогнозите за јачината на ураганите пред да стигнат до брегот на САД.

Научниците истакнуваат дека повеќето луѓе никогаш нема да имаат можност да видат ајкула во нејзината природна средина, но дека овие животни се многу повеќе од предатори од страшни филмови.

Според истражувачите, тие се совршено приспособени на животот во океанот – и сега би можеле да им помогнат на луѓето подобро да разберат и предвидат еден од најдеструктивните природни феномени.

Севернокорејски хакери развија сопствени AI алатки за сајбер напади …

Хакерите од групата Кимсуки користат локални модели за вештачка интелигенција за да ја заобиколат заштитата на глобалните платформи и да автоматизираат кражба на податоци.
Севернокорејски хакери развија сопствени алатки базирани на вештачка интелигенција за автоматизација на сајбер напади, анализа на украдени податоци и создавање поуверливи фишинг кампањи. Според извештајот на јужнокорејската фирма за сајбер безбедност Genians, државно спонзорираната група Кимсуки (Kimsuky) брзо ги приспособува најновите AI технологии за своите операции.

Специјалистите за безбедност од Genians открија дека групата Кимсуки инсталирала и управувала со AI модели директно на својата локална инфраструктура. Меѓу идентификуваните софтверски алатки се платформите Ollama, GPT4All и Msty.

Со користење на локална инфраструктура и технологијата за пребарување документи RAG (Retrieval-Augmented Generation), севернокорејските оперативци можат да процесираат големи количини украдени документи без да ги испраќаат податоците до надворешни cloud сервиси, со што спречуваат истекување на нивните активности.

Додека претходните извештаи укажуваа дека хакерите користат генеративна вештачка интелигенција за пишување подобри фишинг е-пораки, новите налази покажуваат подлабока техничка интеграција. На заштитените сервери на групата се пронајдени рамки за развој на AI агенти, алатки за претворање на говор во текст и програмерскиот асистент Cursor.

Овие алатки им овозможуваат на хакерите брзо да пишуваат код за нови заразувачки програми (малвер), автоматски да ги анализираат украдените бази на податоци и да подготвуваат високо таргетирани напади врз финансиски институции и крипто-берзи.

Во рамките на истражувањето беа откриени и лажни документи за финансиски инвестиции и криптовалути, генерирани со помош на вештачка интелигенција. Овие материјали биле обликувани да изгледаат како официјални извештаи од инвестициски фондови за да ги измамат жртвите да ги отворат заразените фајлови.

Групата Кимсуки се наоѓа под санкции на американското Министерство за финансии од 2023 година, кога беше означена како единица за сајбер шпионажа под директна контрола на владата во Пјонгјанг. Според западните разузнавачки служби, примарна цел на овие напади е прибирање стратешки информации и обезбедување странски валути за финансирање на државните проекти.

Новo видео на Google за Pixel Watch 5 ги исмева конкурентите

За само неколку дена, на 12 август, Google ќе ги претстави Pixel 11 серијата и Pixel Watch 5. Во пресрет на премиерата, компанијата објави нов видео тизер за часовникот на својот YouTube канал.
Видеото е кратко и директно. А поентата? Па, поентата е да се пошегува на сметка на Samsung Galaxy Watch и Apple Watch, поради нивните необични форми кои, според Google, всушност и не изгледаат многу како часовници.

Од друга страна, Pixel Watch 5 „има пристојност да изгледа како часовник“. А притоа и понатаму ги следи вашето здравје, спиењето и физичката активност.

Очигледната порака е дека не губите ниту една од функциите на паметниот часовник, а добивате паметен часовник кој изгледа како нормален часовник.

Секако, Pixel Watch 5 е далеку од тоа да има автономија како обичен часовник – па дури и како некои кинески конкуренти или Ultra моделите на Samsung и Apple.

Како полесно да се поминат најжешките часови

Летната жештина за некого значи клима-уред, ладен пијалак и барање сенка. За друг, особено за луѓето над 65 години, може да биде сериозен здравствен ризик. Во денови кога температурите во Македонија се искачуваат до екстремно високи вредности, Институтот за јавно здравје предупредува дека токму повозрасните граѓани треба највнимателно да го организираат денот.

Причината не е само возраста. Со годините организмот потешко се приспособува на високите температури, а кај голем дел од повозрасните лица дополнителен фактор се хроничните заболувања и терапијата што редовно ја користат. Одредени лекови, посочуваат од ИЈЗ, можат да влијаат врз нормалната реакција на телото на топлина.

Затоа, во најжешките часови од денот, најдобрата препорака е едноставна – сонцето да се избегнува.

Од ИЈЗ советуваат лицата над 65 години да не престојуваат на отворено и да избегнуваат физичка активност во периодот од 11 до 17 часот. Ако излегувањето е неопходно, препораката е да се носи лесна, светла и широка облека, капа или шапка со широк обод и очила за сонце. При директна изложеност на сонце треба да се користи и средство со заштитен фактор SPF 30 или повисок.

Но, заштитата од горештината не завршува со барање сенка.

Во топлите денови организмот губи повеќе течности, па ИЈЗ советува вода да се пие редовно и пред да се појави чувството на жед. Алкохолот треба да се избегнува, а пијалаците со кофеин да се ограничат.

За лицата на кои лекар им препорачал ограничен внес на течности поради одредена здравствена состојба важи поинакво правило – тие треба да се консултираат со лекар за тоа колку течности е соодветно да внесуваат во периоди на високи температури.

Кога надвор е жешко, важна станува и температурата во домот.

Ролетните и завесите во текот на денот можат да помогнат да се спречи директното сончево загревање, додека проветрувањето е најдобро да се прави кога надворешната температура е пониска. Ако се користи клима-уред, од ИЈЗ предупредуваат да не се претерува со разладувањето и да се избегнуваат нагли температурни промени.

Има уште еден совет кој лесно може да се занемари – во периодот од 13 до 17 часот да не се користат шпорет, рерна и други уреди што дополнително ја загреваат просторијата.

Кога воздухот е тежок, а домот не може доволно да се излади, помага и директното разладување на телото. ИЈЗ препорачува туширање со млака или посвежа вода, користење влажни крпи и престој во најладниот дел од домот. Доколку има можност, препорачлив е престој и во климатизирана просторија.

Особено внимателни треба да бидат лицата со хронични заболувања.

Терапијата треба да се зема редовно и, нагласуваат од Институтот, никако не треба самостојно да се менува или прекинува поради горештината. Ако дојде до промена или влошување на здравствената состојба, потребно е навремено да се контактира матичниот лекар.

Но, високите температури имаат уште една страна која не е поврзана само со термометарот, водата или клима-уредот.

ИЈЗ посебно апелира повозрасните лица да останат во редовен контакт со семејството, пријателите и соседите. Ова е особено важно за луѓето кои живеат сами. Еден телефонски повик или кратка проверка како се чувствуваат може навреме да открие промена во здравствената состојба и да овозможи помошта да стигне кога е потребна.

Во денови на екстремна жештина, советите можеби звучат едноставно – помалку сонце, повеќе вода, поладен дом и помал физички напор. Но, токму тие едноставни навики можат да бидат најважната заштита за оние кај кои високите температури не се само непријатност, туку реален ризик за здравјето.

Цената на златото расте, инвеститорите бараат сигурност

Цената на златото продолжува да расте и се движи кон најсилната недела од почетокот на годината, бидејќи инвеститорите повторно го гледаат благородниот метал како сигурно засолниште во услови на глобална економска неизвесност. Спот-цената на златото во петокот се зголеми, достигнувајќи ниво од 120 евра за грам или една унца (31,1) грам чини над 3.736 евра. Со оваа цена благородниот метал е на пат неделата да ја заврши со раст од повеќе од пет проценти што е најдобар неделен резултат од јануари.

Дополнителен фактор се и геополитичките случувања. Намалените тензии околу Блискиот Исток го намалија притисокот врз енергетските пазари, но неизвесноста сè уште ги тера инвеститорите дел од капиталот да го насочуваат кон златото.

Ова не е првпат златото да руши рекорди. Во последните години металот бележи силен раст, поттикнат од купувањето од страна на централните банки, геополитичките ризици и зголемениот интерес на инвеститорите. Во јануари 2026 година златото достигна историски највисоки нивоа, при што спот-цената надмина 5.100 долари за унца, поставувајќи нов рекорд на светските пазари.

Претходно, во 2025 година, златото повеќепати ги надминуваше сопствените рекорди и достигна нивоа над 4.000 долари за унца, што тогаш беше сметано за голем психолошки праг на пазарите.
Report Ad

Пазарите сега внимателно ги следат економските податоци од САД, бидејќи тие можат да покажат дали Федералните резерви ќе го променат курсот со каматните стапки. Доколку инфлацијата продолжи да се намалува и каматите почнат да се движат надолу, златото може дополнително да добие поддршка, бидејќи пониските каматни стапки обично ја зголемуваат привлечноста на инвестициите кои не носат камата.

Покрај златото, раст бележат и други благородни метали. Среброто, платината и паладиумот исто така се во позитивна зона, што покажува дека интересот за металите повторно се зголемува.