Цената на златото расте, инвеститорите бараат сигурност

Цената на златото продолжува да расте и се движи кон најсилната недела од почетокот на годината, бидејќи инвеститорите повторно го гледаат благородниот метал како сигурно засолниште во услови на глобална економска неизвесност. Спот-цената на златото во петокот се зголеми, достигнувајќи ниво од 120 евра за грам или една унца (31,1) грам чини над 3.736 евра. Со оваа цена благородниот метал е на пат неделата да ја заврши со раст од повеќе од пет проценти што е најдобар неделен резултат од јануари.

Дополнителен фактор се и геополитичките случувања. Намалените тензии околу Блискиот Исток го намалија притисокот врз енергетските пазари, но неизвесноста сè уште ги тера инвеститорите дел од капиталот да го насочуваат кон златото.

Ова не е првпат златото да руши рекорди. Во последните години металот бележи силен раст, поттикнат од купувањето од страна на централните банки, геополитичките ризици и зголемениот интерес на инвеститорите. Во јануари 2026 година златото достигна историски највисоки нивоа, при што спот-цената надмина 5.100 долари за унца, поставувајќи нов рекорд на светските пазари.

Претходно, во 2025 година, златото повеќепати ги надминуваше сопствените рекорди и достигна нивоа над 4.000 долари за унца, што тогаш беше сметано за голем психолошки праг на пазарите.
Report Ad

Пазарите сега внимателно ги следат економските податоци од САД, бидејќи тие можат да покажат дали Федералните резерви ќе го променат курсот со каматните стапки. Доколку инфлацијата продолжи да се намалува и каматите почнат да се движат надолу, златото може дополнително да добие поддршка, бидејќи пониските каматни стапки обично ја зголемуваат привлечноста на инвестициите кои не носат камата.

Покрај златото, раст бележат и други благородни метали. Среброто, платината и паладиумот исто така се во позитивна зона, што покажува дека интересот за металите повторно се зголемува.