Прескокни до содржината
Реклама

Печена овесна каша со банана и ореви

Печена овесна каша со банана и ореви
Фото: Shisma, Wikimedia Commons (CC BY 4.0)

Печениот овес е она што кашата сака да биде кога ќе порасне: стегнат како мек колач, со карамелизирани колценца банана одозгора и ‚рскави ореви внатре. Се меша за пет минути, а рерната го прави останатото. Совршен е за мрзливи викенд-утра, но и како готов појадок за цела работна недела.

Време40 минутиПорции6ТежинаЛесно

Состојки

  • 200 г овесни снегулки
  • 500 мл млеко
  • 2 јајца
  • 3 зрели банани (2 за во смесата, 1 за одозгора)
  • 60 г ореви, крупно сечкани
  • 50 г кафеав шеќер или 3 лажици мед
  • 1 лажичка цимет
  • 1 лажичка прашок за пециво
  • штипка сол
  • путер за подмачкување на садот

Подготовка

  1. Загрејте ја рерната на 180 °C и подмачкајте огноотпорен сад од околу 20 × 20 см.
  2. Изгмечете ги двете банани со виљушка во голема чинија. Додајте ги јајцата, млекото и шеќерот и изматете додека смесата не се обедини.
  3. Вмешајте ги овесот, циметот, прашокот за пециво, солта и половина од оревите, па истурете сè во подготвениот сад.
  4. Третата банана исечете ја на колценца и наредете ја одозгора, заедно со останатите ореви.
  5. Печете 30–35 минути, додека средината не се стегне, а рабовите не се позлатат. Оставете да одмори 10 минути пред сечење — тогаш парчињата држат форма.
Совет од кујната: Се чува покриен во фрижидер до три дена — подгрејте парче и прелијте го со малку ладно млеко, контрастот топло-ладно е најубавиот дел.

Како паметната технологија го менува чистењето во вашиот дом?

Како паметната технологија го менува чистењето во вашиот дом?
Фото: Опсервер

Живееме во ера на паметни уреди, интелигентни системи и технологии што постојано го менуваат начинот на кој живееме, работиме и ги извршуваме секојдневните обврски. Од смартфоните и паметните часовници до апаратите за домаќинство што автоматски се приспособуваат на нашите потреби, иновациите стануваат составен дел од модерното секојдневие. Денешните потрошувачи бараат попаметни функции што обезбедуваат поефикасно и поквалитетно корисничко искуство. Токму овој пристап го носат и современите решенија за чистење на Miele, кои ги комбинираат напредната технологија, интелигентните функции и функционалниот дизајн за да го унапредат искуството во модерниот дом.

Miele Triflex HX3 Wet & Dry носи ново ниво на практичност во домот

Паметните технологии сè почесто го менуваат начинот на кој ги извршуваме секојдневните домашни обврски. Безжичните уреди, мултифункционалните решенија и иновативните системи за чистење овозможуваат поголема слобода на движење и поефикасно одржување на просторот. Третата генерација на супер моќни правосмукалки Miele Triflex HX3 Wet & Dry е пример за оваа еволуција, комбинирајќи моќно суво чистење со можност за влажно чистење во еден практичен систем со компактен и модерен дизајн.

Елегантниот и ергономски дизајн овозможува правосмукалката да се постави на ѕид со помош на соодветен држач или да стои самостојно на избрано место во домот. По завршувањето со чистењето, едноставно поставете ја на нејзиното место или складирајте ја под креветот или покрај плакарот, за да ви биде при рака кога повторно ќе ви затреба. Наместо користење различни уреди за различни видови нечистотии, овој модел нуди компактно решение за повеќе потреби во домот, без да зафаќа дополнителен простор.

За сувото чистење се користи системот Triflex HX3, додека додатокот Aqua Twister овозможува влажно чистење со две ротирачки подлоги и осветлување од 360°, што помага при откривањето на нечистотијата на подните површини во вашиот дом. Ваквиот пристап е особено практичен во динамичното секојдневие, кога подовите лесно се валкаат при секојдневните активности. Од трошки што паѓаат при подготовка на храна, истурено кафе или сок, до отпечатоци од обувки од кал или лисја внесени однадвор, нечистотиите често бараат брза реакција. Безжичниот дизајн овозможува лесно движење низ домот, додека комбинацијата од суво и влажно чистење помага во едно поминување да се отстранат и сувите нечистотии и влажните дамки. Дополнителна предност е продолженото време на работа, при што Miele Triflex HX3 нуди до 67% подолго време на работа во споредба со серијата Triflex HX2, овозможувајќи поголема флексибилност при одржувањето на домот.

Triflex HX3 Wet & Dry покажува како модерните технологии за домот се развиваат во насока на мултифункционалност и поголема практичност. Кога иновациите се насочени кон реалните потреби на корисниците, чистењето станува помалку сложена обврска, а повеќе дел од едно поорганизирано и технолошки унапредено секојдневие.

Супа од печени пиперки и црвена леќа

Супа од печени пиперки и црвена леќа
Фото: Whoisjohngalt, Wikimedia Commons (CC BY-SA 4.0)

Печените пиперки ѝ даваат на оваа супа длабочина што обично бара часови — слатка, малку зачадена, како да вриела цел ден. Црвената леќа се распаѓа при варењето и ја згуснува до кадифена текстура сосема сама. Резултатот е топол, ситен оброк што е случајно и посен.

Време35 минутиПорции4ТежинаЛесно

Состојки

  • 200 г печени црвени пиперки (од тегла, исцедени, или 3 свежо испечени и излупени)
  • 150 г црвена леќа, промиена
  • 1 главица кромид, ситно сечкана
  • 2 чешниња лук, сечкани
  • 1 лажичка слатка мелена пиперка
  • половина лажичка мелен ким
  • 1 л зеленчуков бујон или вода со коцка
  • 2 лажици маслиново масло, плус за прелевање
  • 100 мл павлака за готвење (по желба)
  • сол и свежо мелен црн пипер

Подготовка

  1. Во подлабоко тенџере динстајте го кромидот на маслото 5 минути, додека не омекне и не стане проѕирен. Додајте ги лукот, мелената пиперка и кимот и мешајте уште 30 секунди, само да замирисаат.
  2. Додајте ги печените пиперки, леќата и бујонот. Оставете да зоврие, па намалете го огнот и варете тивко 18–20 минути, додека леќата сосема не омекне.
  3. Изблендирајте ја супата со штапски блендер директно во тенџерето, до сосема мазна текстура. Вмешајте ја павлаката ако ја користите, па дотерајте со сол и пипер.
  4. Ако супата е прегуста, разредете ја со малку топла вода. Послужете со тенок млаз маслиново масло одозгора и парче свеж леб.
Совет од кујната: Црвената леќа не бара потопување и се распаѓа сама — затоа супата излегува кремаста и без грам павлака. Пробајте ја прво без, па одлучете.

Објавена „Чија си“ – авторизирана биографија на Славе Димитров од Максим Ристески

Објавена „Чија си“ – авторизирана биографија на Славе Димитров од Максим Ристески
Фото: Опсервер

Животната и музичка приказна на Славе Димитров, еден од клучните творци на златната ера на македонската забавна музика, е во фокусот на новата книга „Чија си“ од Максим Ристески.

Инспирирана од животот и од творештвото на еден од најзначајните македонски композитори, пејачи, аранжери и музички продуценти, книгата раскажува за уметничката посветеност, за вербата во музиката и за потрагата по вистинскиот тон во време што често ѝ дава предност на бучавата.

„Ова не е само биографија, туку и хроника на едно време, раскажана низ животниот пат на човекот чии песни оставија траен белег во македонската музичка култура. Од Битолско Генимале до позиција на еден од клучните творци на златната ера на македонската забавна музика, Славе Димитров градел препознатлив музички израз, воден од вербата во убавината на чистата и едноставна мелодија.

Книгата излегува во годината кога се одбележуваат 80-тиот роденден на Славе Димитров (р. 1 јуни 1946, во Битола), и шест децении од почетокот на неговото творештво. Воедно, годинава се навршуваат 55 години од првото јавно изведување на неговиот безвременски хит „Чија си“, што беше прогласен за песна на минатиот милениум.

Структурирана хронолошки, книгата ги следи испреплетените патишта на животот и на музиката на Димитров. Личните искуства, творечките предизвици и песните што го обележале неговиот опус се поврзуваат во приказна за уметникот зад мелодиите што со децении живеат во колективната меморија. Преку авторизираниот биографски запис, Максим Ристески го осветлува и она што музиката не го кажува директно – човекот зад песните и патот по кој тие стигнале до публиката“, пишува издавачот.

Насловот на книгата е преземен од антологиската песна „Чија си“, еден од најголемите хитови на Славе Димитров. Нејзината приказна започнува во 1969 година во Битола, кога Димитров ја компонирал музиката. Песната првпат била јавно изведена на Фестивалот на забавни мелодии „Скопје 71“, во две верзии – во вокална интерпретација на Славе Димитров и на Крунослав Киќо Слабинац. Освоила втора награда од публиката, а со текот на годините прераснала во безвременска музичка класика.

Авторот Максим Ристески (1973) повеќе од 30 години се занимава со пишување како новинар, копирајтер, текстописец и сценарист. Бил музичар, а се занимава и со ликовна уметност. Автор е на книгите „Пештера“ (роман, „Или-или“, Скопје 2022), „Нешто трето“ (раскази, „Или-или“, Скопје 2025) и „Ништо“ (роман, Biblos Books, Белград 2025).

Авторизираната биографија деновиве излезе од печат во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, и веќе е достапна во книжарниците.

Директорот на Ферари го испофали родстерот на Тесла

Директорот на Ферари го испофали родстерот на Тесла
Фото: МКД.мк

Првиот човек на Ферари и неговата пофалба доаѓаат неколку дена откако Тесла ги претстави техничките решенија на новиот автомобил во Тексас, и во време кога Ферари го забрзува развојот на сопствените електрични модели, вклучувајќи го и својот прв автомобил на батерии.

Оценката на Виња, која прв ја пренесе Ројтерс, беше проследена со изјава која звучи речиси како благодарност. „Како Европеец, ви благодарам што покажавте дека дури и во стариот свет сè уште може да се биде иновативен и храбар“, кажа Виња. Тој додаде дека презентацијата на родстерот е доказ дека сè уште има свежи идеи во индустријата.

Тесла го претстави својот родстер од новата генерација во центарот за тестирање ракети на Спејсекс во Мекгрегор, во Тексас. Презентацијата беше спектакуларна. Автомобилот се искачи на рампата и остана да виси наопаку користејќи моќен систем на вентилатор за вшмукување, потоа полета, се сврте во воздух и слета користејќи погони со компримиран гас, технологија позајмена од Спејсекс.

Медиумите ја споменуваат 2028 година како година на пуштање на моделот на пазарот. Тоа е целниот датум на Тесла, и покрај тоа што доаѓа години по првичното објавување. Во својот коментар Виња не се осврна на роковите за испорака или финансиските аспекти на проектот. Неговата проценка се однесува исклучиво на самата презентација, покажаниот инженеринг и перформансите.

„Ова дефинитивно покажува дека сè уште има многу што може да се направи во светот на автомобилите“, кажа Виња. „Мора да продолжиме да сонуваме“. Неговата изјава, заедно со максималната оценка отвори и поширока дискусија за тоа колку автомобилската индустрија денес е подготвена да преземе ризици.

Виња истакна и еден помалку очигледен детаљ – одлуката на Тесла да ангажира надворешни соработници. Тој истакна дека соработката со надворешно студио за дизајн го однела родстерот во насока до која Тесла веројатно не би стигнал сам. Тој кажа дека овој процес го потсетува на она што го доживеал Ферари за време на развојот на својот електричен проект.

„Да работевме сосема сами, немаше да го постигнеме она што го постигнавме“, призна Виња. Тој опиша дека надворешните соработници го турнале Ферари да се соочи со прашања за кои претходно не размислувал. На својот прв целосно електричен модел луче, Ферари соработуваше со дизајнерското студио Лавфром, основано од Џони Ив. Виња јавно го брани тој модел уште од неговата премиера.

Почетокот не беше лесен. Акциите на Ферари паднаа во мај оваа година по презентацијата на моделот луче, а аналитичарите детално анализираа како компанијата го управува преминот кон електричен погон. По лансирањето на моделот луче, Ферари продолжи да ја проширува својата понуда на електрифицирани возила, но во исто време ја интензивираше работата на биогорива, паралелно со развојот на модели на батерии. Пофалбите на Виња за подготвеноста на Тесла да презема ризици сугерираат дека тој смета дека таков пристап е неопходен за автомобилската индустрија.

Чоколадни колачиња со маслиново масло и сол

Чоколадни колачиња со маслиново масло и сол
Фото: kae71463, Wikimedia Commons (CC BY 2.0)

Овие колачиња се прават со една чинија и една лажица, а вкусот е сè друго освен скромен: темно чоколадо, овошна нота од маслиновото масло и зрнца сол што го будат секој залак. Средината останува мека, речиси како брауни. Од идеја до прво каснување поминуваат помалку од половина час.

Време25 минутиПорции18 парчињаТежинаЛесно

Состојки

  • 120 мл маслиново масло
  • 150 г кафеав шеќер
  • 1 јајце
  • 1 лажичка ванилин екстракт или 1 кесичка ванилин шеќер
  • 180 г брашно
  • 30 г какао во прав
  • половина лажичка сода бикарбона
  • штипка ситна сол, плус крупна морска сол за посипување
  • 100 г темно чоколадо, крупно сечкано

Подготовка

  1. Загрејте ја рерната на 180 °C и обложете голем плех со хартија за печење. Во чинија изматете ги маслото и шеќерот со лажица околу една минута, па вмешајте ги јајцето и ванилата.
  2. Додајте ги брашното, какаото, содата и ситната сол и измешајте само додека не исчезне сувото брашно — премногу мешање дава тврди колачиња. Вмешајте го сечканото чоколадо.
  3. Обликувајте топчиња од по една полна лажица смеса и наредете ги на плехот со растојание од 4 см. Притиснете ги сосема малку со дланка.
  4. Печете 10–11 минути — рабовите треба да се стегнат, а средината да изгледа недопечена. Веднаш посипете со по неколку зрнца крупна сол.
  5. Оставете ги да се оладат на плехот 10 минути; таму дополнително се стегнуваат до совршена мека средина.
Совет од кујната: Извадете ги од рерна додека уште изгледаат недопечени во средината — преостанатата топлина ги довршува, а тоа е целата тајна на мекото колаче.

Нова тактика на VW во Кина, се свртува кон извоз

Нова тактика на VW во Кина, се свртува кон извоз
Фото: Нетпрес

Германскиот автомобилски гигант „Volkswagen“ објави во средата дека ја менува својата деловна стратегија во Кина, префрлајќи го фокусот на извозот поради слабата побарувачка и жестоката конкуренција на кинескиот автомобилски пазар.

„Volkswagen“ ќе ја замени претходната стратегија „Во Кина, за Кина“ со нов пристап – „Во Кина и преку кинеските граници“, објави во средата подружницата со седиште во Хефеј во среда.

„На тој начин, Кина ќе стане не само еден од неговите пазари на Volkswagen, туку и клучен центар за иновации и извоз во рамките на глобалните операции на групацијата“, се истакнува во соопштението.

Компанијата планира, со поддршка на кинески партнери, да ги прошири своите операции на пазарите во Југоисточна Азија, Јужна Африка и Јужна Америка.

„Volkswagen“ веќе извезува возила произведени во Кина до дестинации како што се Блискиот исток, Казахстан и Узбекистан.

Според новата стратегија, технологијата развиена во Кина ќе служи како основа за производство на бензински, електрични и хибридни возила за пазарите во развој.

Досега, производството на „Volkswagen“ во Кина главно беше фокусирано на снабдување на најголемиот пазар на автомобили во светот, со само ограничен извоз. Сепак, силната конкуренција од кинеските брендови, зголемениот ценовен притисок и слабеењето на побарувачката предизвикаа промена во стратегијата.

Податоците од Кинеската асоцијација на патнички автомобили (CPCA) покажуваат дека продажбата на возила на кинескиот пазар се намалила за 21,7 отсто во првите девет месеци од 2026 година.

Кинеските производители сè повеќе ги извезуваат своите возила, проширувајќи се на европските и пазарите во развој. Според податоците на CPCA, извозот на кинески автомобили се зголемил за дури 73,7 отсто во септември.

„Volkswagen“ продаде 405.800 возила во Кина во третиот квартал, што е за 38,5 отсто помалку во однос на претходната година, што претставува повеќе од 80 отсто од вкупниот пад на продажбата на ниво на групацијата.

Тамара Котевска го освои „Зелениот Оскар“ за најдобра режија и продукција за „Приказната за Силјан“

Тамара Котевска го освои „Зелениот Оскар“ за најдобра режија и продукција за „Приказната за Силјан“
Фото: Опсервер

Македонската режисерка Тамара Котевска го освои престижниот „Зелен Оскар“ за најдобра режија и продукција на Wildscreen Panda Awards 2026 во Велика Британија, за нејзината визионерска режија и продукција на документарниот филм „Приказната за Силјан“ (The Tale of Silyan), реализиран за National Geographic Documentary Films. Со освојувањето на наградата Producer/Director Panda Award, Котевска влегува во историјата како прва добитничка на ова признание од Македонија и регионот.

Во светот на документарната кинематографија, наградите „Панда“, познати како „Зелени Оскари“, претставуваат едно од највисоките признанија за филмските автори кои преку своите дела ја истражуваат природата и сложениот однос меѓу човекот и животната средина. Низ историјата на овие награди биле одликувани легендарни имиња како Сер Дејвид Атенборо и оскаровката Пипа Ерлих, режисерка на „My Octopus Teacher“, а сега во кругот на наградените се приклучува и Тамара Котевска.

Она што ги поврзува „Медена земја“ и „Приказната за Силјан“ е токму способноста на Котевска да ја долови длабоката, деликатна и моќна врска меѓу човештвото и животната средина. Нејзиниот препознатлив авторски пристап ги претвора интимните човечки судбини во универзални приказни за опстанокот, природата и светот што го делиме. По револуционерниот успех на „Медена земја“, која доби две номинации за Оскар, оваа победа дополнително го зацврстува нејзиното место меѓу значајните автори на современата светска документаристика.

Но, приказната за „Силјан“ не завршува со „Зелениот Оскар“. Филмот продолжува да привлекува внимание на меѓународната сцена, со номинации за „Еми“, како и за престижните британски награди „Гриерсон“ (The Grierson Awards), познати како „Британски Оскари“ за документарен филм, и медиумските награди „Џексон Вајлд“ (Jackson Wild Media Awards).

Ако Wildscreen го носи престижот на „Зелените Оскари“, тогаш Jackson Wild претставува еден од највлијателните центри на светската документаристика, каде што се среќаваат автори чии приказни за природата и науката имаат моќ да го променат начинот на кој ја гледаме планетата.

Од историските номинации за „Медена земја“ до најновото признание за „Приказната за Силјан“, Тамара Котевска продолжува да докажува дека приказните создадени во Македонија можат да ги надминат сите географски граници. А „Силјан“, со својата универзална порака, продолжува да се движи низ светскиот филмски екосистем како вистинска сила на природата.

Меки погачиња со јогурт и бело сирење

Меки погачиња со јогурт и бело сирење
Фото: E4024, Wikimedia Commons (CC BY-SA 4.0)

Кога сакате топло печиво, а немате два часа за квасно тесто, ова е рецептот: јогуртот и прашокот за пециво ја вршат работата на квасецот, без чекање. Погачињата излегуваат меки како перниче, со солени џебови стопено сирење. Најубави се уште топли, скинати со рака.

Време40 минутиПорции12 парчињаТежинаСредно

Состојки

  • 400 г меко брашно
  • 1 кесичка прашок за пециво (10 г)
  • половина лажичка сол
  • 200 мл јогурт
  • 100 мл маслиново или сончогледово масло
  • 1 јајце, плус 1 жолчка за премачкување
  • 150 г бело сирење, издробено
  • 2 лажици сусам

Подготовка

  1. Загрејте ја рерната на 200 °C. Во голема чинија измешајте ги брашното, прашокот за пециво и солта.
  2. Одделно изматете ги јогуртот, маслото и целото јајце. Истурете ги врз брашното, додајте го сирењето и со рака составете меко тесто. Не месете долго — само додека се обедини; ако лепи, додајте лажица-две брашно.
  3. Поделете го тестото на 12 дела, обликувајте топчиња и наредете ги на плех со хартија за печење, со малку растојание меѓу нив.
  4. Премачкајте ги со жолчката разматена со една лажичка вода и посипете ги со сусам.
  5. Печете 18–20 минути, до длабока златна боја. Извадете ги и веднаш покријте ги со чиста крпа десетина минути — пареата под крпата ги прави меки.
Совет од кујната: Тестото со прашок за пециво не сака многу раце — колку помалку го месите, толку помеки се погачињата. Составете го и застанете таму.

„Простор во цут“ – изложба на Тања Манева

„Простор во цут“ – изложба на Тања Манева
Фото: МКД.мк

Татјана Манева (1978, Битола) е визуелна уметница која работи во областа на сликарството и графиката. Дипломирала (2002) и магистрирала (2004) на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на отсек графика. Член е на ДЛУМ (Друштво на ликовни уметници на Македонија) и ДЛУБ (Друштво на ликовни уметници на Битола).

Манева досега реализирала бројни самостојни изложби во земјата и странство, меѓу кои: „Знаковни метаморфози“ (Уметничка галерија, Битола, 2002), „Писма, знаци, симболи“ (Салон на ДЛУМ, Скопје, 2004), „Ne lisez pas“ (Cité des Arts, Париз, 2005), „Везилка“ (Национална галерија – Чифте амам, Скопје, 2006), „Париски слики“ (Мала станица, Скопје, 2007), „Митологијада“ (Музеј на град Скопје, 2007; Подгорица и Тиват, 2009), „Spiritual Gold“ (Берлин, 2009), „Неоткриен свет“ (Даут Пашин амам, Скопје, 2012), „Градот и природата“ (Скопје, Амстердам, Њујорк, 2013–2014), „Остров“ (МКЦ, Скопје, 2015; Хонг Конг, 2016), „Дрво на животот“ (Куманово, 2019; Скопје, 2020), „Имагинариум“ (Битола, 2022), „Colors of the Soul“ (Тирана, 2024) и „Connected“ (Стокхолм, 2025).