Прескокни до содржината
Реклама

За втриот пензиски столб Владата разгледува и сценарио во кое би сопрела уплатата на една или повеќе години, вели Мицкоски

За втриот пензиски столб Владата разгледува и сценарио во кое би сопрела уплатата на една или повеќе години, вели Мицкоски
Фото: Опсервер

За да се намали дупката во Фондтот за пензиско осигурување од приближно една милијарда евра годишно, Владата разгледува неколку можни решенија, по алармот на Фискалниот совет дека се потребни итни реформи. Премеирот Христијан Мицкоски вели дека компаниите кои управуваат со средствата кои се уплаќаат во вториот пензиски столб потфрлиле оти приносите се трипати помали од она што било договорено пред 20 години, поради што смета дека така не може да се продолжи.

„Имаме неколку сценарија коишто ги разгледуваме. Да речеме, што се случувало во Европа, имаме целосно национализирање на вториот пензиски столб и тоа го имаат во неколку држави од централна Европа, како Унгарија, Полска и така натаму. Имаме скандинавско-балтички модел, концепт каде што една година или повеќе е стопирана уплатата во вториот задолжителен пензиски столб. Имаме и таков случај. Тоа е направено за да се намали буџетскиот дефицит и да се зголеми реализацијата на капиталните инвестиции. Кај нас имаме случаи во коишто, за жал, компаниите коишто управуваат со вториот пензиски столб, приносите на средствата на граѓаните коишто се уплаќаат не се во онаа висина во којашто треба да бидат – тие се трипати помали“, вели премиерот Мицкоски.

Тоа според него е показател дека не се добри претприемачи, а во бизнисот, премиерот нагласи дека ако не си успешен на твое место доаѓа некој поуспешен. Владата разгледува и решение во кое на граѓаните ќе им се даде можност и самите да одлучуваат дали ќе го користат само државниот или ќе дозволат нивните средства да одвојуваат и во приватните пензиски столбови, за да се смени досегашниот начин на функционирање.

„Со легачење не може, или ќе се работи, ќе ги засукаат ракавите или не може веќе така како што досега функционираат работите. Очигледно дека притисокот станува сè поголем и не може тие компании коишто ја добиле честа да ги управуваат средствата на граѓаните пред 20 години, да ги користат и да не ги оплодуваат онака како што граѓаните очекуваат. Еве, првите корисници ги добиваат средствата, тие се премногу мали и нормално, бидејќи се премногу мали, државата за до минималната пензија, онаа социјална сигурност што ја има, треба дополнително седа дава средства. Мислам, тоа нема логика. И тука сме многу принципиелни“, рече премиерот Мицкоски.

Тој уверува дека средствата од вториот столб на граѓаните кои досега биле уплаќани се нивни и нема да ги изгубат без разлика кое решение ќе биде избрано.

Фискалниот совет пред еден месец предупреди дека пензискиот систем во Македонија се наоѓа пред сериозен финансиски предизвик оти анализите покажале дека вкупниот дефицит во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување – ПИОМ, заедно со обврските кон вториот пензиски столб и здравственото осигурување на пензионерите, се искачи на ниво од речиси една милијарда евра годишно поради што препорача итни реформи.

Раџа Наинголан може да заврши зад решетки

Раџа Наинголан може да заврши зад решетки
Фото: МКД.мк

Обвинителството во Брисел побара двегодишна затворска казна и парична казна од 105.000 евра за фудбалерот Раџа Наинголан пред кривичниот суд. Тој е обвинет за перење пари како дел од истрагата за меѓународна трговија со кокаин. За другите обвинети во истата постапка, обвинителите бараат казни од 12 месеци до 14 години затвор.

Истрага беше покрената во март 2023 година против група осомничена за увоз на големи количини кокаин од Јужна Америка преку пристаништето Антверпен.

По неколкумесечно прислушување и следење, полицијата спроведе голема операција во јануари 2025 година и уапси неколку лица. Меѓу нив беше и Наинголан, кој помина една ноќ во притвор.

Истражителите се заинтересираа за него бидејќи за неколку месеци добил повеќе од 100.000 евра од Наср-Един Секаки, ​​помладиот брат на познатиот криминалец Ашраф Секаки. Фудбалерот подоцна ја вратил таа сума на рати на сметката на мајката на Секаки.

По апсењето, фудбалерот објасни дека позајмил пари од Секаки бидејќи сакал да го одржи својот животен стил, бидејќи неговите сметки во Италија биле блокирани поради разводот.

„Немам долгови, но поради разводот од Клаудија, моите сметки во Италија се блокирани“, рече тој.
За време на полициското испрашување, тој изјави дека не знаел за репутацијата на Секаки.

„Според мене, тој не е лош човек. Ми изгледаше нормален и скромен, не можам да кажам ништо лошо за него. Никогаш не ми кажа за своето минато, а искрено, дури и не ме интересираше. Не знаев каква репутација има. Сè дознав од медиумите дури откако бев уапсен во овој случај“, рече Наинголан.

Обвинителството наведува дека Наинголан, денес член на белгискиот второлигашки клуб Патро Ајсден Масмехелен, не учествувал директно во трговијата со дрога, за разлика од повеќето други 15 обвинети, но учествувал во перење пари.

Тие дури и не го сомничат дека е член на криминална организација. Сепак, бараат две години затвор и парична казна од 105.000 евра.

Одбраната на Раџа Наинголан, која најави дека ќе бара ослободителна пресуда, ќе ги презентира своите аргументи на 13 ноември.

Васко Атанасов веќе не е тренер на МЗТ Скопје

Васко Атанасов веќе не е тренер на МЗТ Скопје
Фото: МКД.мк

Младиот стратег кој во МЗТ Скопје пристигна во 2023 година, замина од „Јане Сандански“. Клубот наскоро треба да го назначи новиот тренер.

„Управата на клубот му изразува огромна благодарност на Атанасов за неговиот труд, посветеност и професионализмот што го покажа на клупата на нашиот тим. Тој секогаш ќе остане важен дел од сино-белото семејство и човек кој остави неизбришлива трага во Аеродром. Му посакуваме среќа во неговата понатамошна тренерска кариера“, стои во официјалното соопштение на МЗТ Скопје.

Атанасов со МЗТ Скопје освои четири шампионски титули во низа, три трофеи од Купот на Македонија и трипати беше победник во Суперкупот.

Полексена Јанкуловска на FMCG Summit 2026: Силен бренд градиме за потрошувачот, а силен бизнис градиме сите заедно

Полексена Јанкуловска на FMCG Summit 2026: Силен бренд градиме за потрошувачот, а силен бизнис градиме сите заедно
Фото: Нетпрес

Маркетингот одамна не е само комуникација и управување со брендови. Неговата улога денес е да ги поврзе потрошувачките потреби, иновациите, портфолиото и сите функции во компанијата во заедничка стратегија за одржлив бизнис раст. Ова беше централната порака на Полексена Јанкуловска, регионален маркетинг менаџер во Имлек Група и Бимилк, на 12. FMCG Summit.

Со предавањето „Од градење брендови до градење бизнис – Новата улога на маркетингот во FMCG“, Јанкуловска понуди перспектива за еволуцијата на маркетингот низ повеќе од една деценија, поткрепена со пазарни трендови, практични искуства и научени лекции од млечната индустрија.

„Денешниот потрошувач има поголем избор, повеќе информации и нови критериуми при купувањето. Цената останува важна, но сè поголемо значење има вредноста што производот ја нуди. „Не зборуваме за потрошувач кој повеќе не гледа цена. Зборуваме за потрошувач кој сè повеќе бара оправдување за цената што ја плаќа. Бидејќи на крајот, не е доволно производот да биде добар. Потрошувачот треба да препознае зошто е добар токму за него“, истакна Јанкуловска.

Fit и Grekos: Зошто добрата идеја не е секогаш доволна?

Осврнувајќи се на личната бизнис-приказна за Fit крем јогуртот и неговата споредба со развојот на Grekos, Јанкуловска ја отвори дилемата дали производ што одлично ги препознава глобалните трендови нужно ќе биде прифатен и на локалниот пазар во одреден период. Иако концептот на Fit, неговите придобивки и комуникацијата би биле релевантни и денес, тогаш пазарот не покажал доволна подготвеност за развој со очекуваната динамика.

„Да препознаеме тренд пред другите и да имаме релевантна комуникација не значи автоматски дека ќе постигнеме пазарен успех“, истакна Јанкуловска.

Примерот ја отвори и темата за реалните предизвици во млечната индустрија, ладниот ланец, роковите на траење, ограничениот простор во продажните објекти и потребата иновациите да бидат економски одржливи за сите учесници: „Не е доволно маркетингот да биде убеден дека една идеја има иднина. Потребно е таа идеја да може да создаде вредност за сите што треба да ја поддржат на патот до потрошувачот“, објасни Јанкуловска.

Од поединечни производи до долгорочни иновациски платформи
Јанкуловска ја нагласи и потребата компаниите да размислуваат подалеку од следното лансирање. „Не е прашањето само што ќе лансираме следно, туку што сакаме да изградиме за пет години.“

Наместо развој на неповрзани производи, таа го истакна значењето на иновациските платформи засновани на конкретни потрошувачки потреби, со јасна долгорочна насока, заеднички организациски приоритети и мерлив придонес кон волуменот, маржата и профитабилноста.

Маркетингот како конектор на целиот бизнис

Јанкуловска ја повика стручната јавност да размисли како би ги организирала своите компании доколку денес ги создава од почеток. Како практичен предизвик, предложи тимовите да идентификуваат што треба да престанат да прават, што треба да почнат да градат и кои конкретни промени би создале најголема деловна вредност.

„И можеби токму ова е најдобриот начин да ја разбереме новата улога на маркетингот. Не како функција што самостојно ги има сите одговори, туку како функција што ги поврзува вистинските луѓе, околу вистинските прашања, за заедно да градат одржлив бизнис раст“.

Со оваа порака, Јанкуловска го заокружи излагањето нагласувајќи дека градењето силен бренд останува темел, но вистинскиот деловен успех бара заедничка визија и придонес од целата организација.

„Силен бренд градиме за потрошувачот, а силен бизнис градиме сите заедно“.

1 на 4

Спасовски: Владата на ВМРО одби да го прифати амандманот за финансиска поддршка на Сојузот на борците

Спасовски: Владата на ВМРО одби да го прифати амандманот за финансиска поддршка на Сојузот на борците
Фото: Опсервер

Владата на ВМРО одби да го прифати амандманот за финансиска поддршка на Сојузот на борците, со кој се бараа два милиони денари за непречено функционирање на организацијата и зачувување на традициите на Народноослободителната борба.

Пратеникот на СДСМ, Оливер Спасовски, во своето обраќање во Собранието посочи дека ова е истот амандман што се поднесува при секој буџет и ребаланс, но и покрај претходните ветувања, Сојузот на борците сè уште нема добиено финансиска поддршка од државата.

„Досега Сојузот на борците нема добиено ниту еден денар од државата за да можат да функционираат нормално, за тоа што имаат како цел и задача. Не може и не е прифатливо само да се повикуваме на антифашизмот, на сè тоа што е придобивка и вредност и вградено во темелите на оваа македонска држава, само декларативно. И треба да направиме некаков чекор којшто ќе допринесе таа положба на Сојузот на борците и на почитувачите од редот на граѓаните да може да продолжи и понатаму да опстојува“, рече Спасовски.

Спасовски посочи дека е изненадувачки што оние кои се повикуваат на антифашизмот и левичарските вредности да не преземаат конкретни чекори за поддршка на Сојузот на борците.

„Но, сум изненаден од таканаречените антифашисти, од оние коишто се дел од владата и коишто се повикуваат секој ден на антифашизмот, да не можат да направат еден чекор кон подобрување на оваа позиција“, истакна Спасовски.

Тој потенцираше дека бараните средства не претставуваат голем финансиски товар за државниот буџет, но се значајна поддршка за опстојувањето на организацијата, која има важна улога во зачувувањето на историското сеќавање и вредностите на Народноослободителната борба.

„Тоа е моментот низ којшто се роди современата македонска држава и мислам дека заслужува респект и почит“, порача Спасовски.

Адем Мекиќ повторно ја задолжи опремата на МЗТ Скопје

Адем Мекиќ повторно ја задолжи опремата на МЗТ Скопје
Фото: МКД.мк

За искусниот кошаркар ова ќе биде трет престој во Аеродром. Претходно настапуваше за „сино-белите“ во периодите од 2014 до 2017 и од 2020 до 2023 година, во кои освои пет шампионски титули и неколку трофеи во Купот на Македонија. Мекиќ во МЗТ Скопје се враќа по успешниот период во Задар, со кој ја освои двојната круна во хрватскиот шампионат.

Мекиќ професионалната кариера ја започна во Вардар, а потоа се пресели во МЗТ Скопје, каде што ги помина најуспешните години од досегашната кариера. Во Македонија настапуваше и за Куманово, Охрид и Пелистер, пред првиот интернационален предизвик во романскиот Темишвар.

Во 2023 година се пресели во Задар, со кој освои две титули во хрватското првенство и Купот на Хрватска. Потоа настапуваше за ТФТ, косовска Бора, а имаше и втор престој во Задар. Мекиќ е и стандарден дел од македонската репрезентација, за која настапуваше во квалификациите за европските и светските првенства.

Ливерпул размислува да го откупи договорот на Роналд Араухо

Ливерпул размислува да го откупи договорот на Роналд Араухо
Фото: Опсервер

Роналд Араухо ужива во Ливерпул и тоа се забележува во секој негов потег на теренот. Уругвајскиот дефанзивец зрачи со самодоверба, а неговиот трансфер на „Енфилд“ се покажа како совршен, бидејќи тој помина низ тежок период и беше принуден привремено да паузира од фудбалот поради неговото ментално здравје.

Во потрага по душевен мир и потпора во верата, дефанзивецот започна духовно патување во Израел во декември 2025 година – важен чекор во надминувањето на анксиозноста и депресијата.

Правата на играчот сè уште ѝ припаѓаат на Барселона, а во Ливерпул, каде што моментално е на позајмица до крајот на сезоната, тој главно игра како десен бек. Тоа е позиција по која добро ја познава и на која покажува исклучителна ефикасност. Неговите одлични настапи го направија клучна фигура во одбранбениот ѕид на „Црвените“.

Напуштањето на зона на конфор му овозможи на Уругвајецот да го покаже својот карактер и физичка доминација – квалитети што му обезбедија место во првиот тим на Барселона и се високо ценети во англиската Премиер лига.

Неговиот менаџер Едуардо Чернар ја коментираше ситуацијата, нагласувајќи дека е прерано за конечни одлуки.

Ставот на менаџерот се совпаѓа со информациите на новинарот Луис Стил од „Дејли мејл“, според кои раководството на Ливерпул ја истражува можноста за целосен откуп на договорот на Роналд Араухо, доколку дефанзивецот го задржи своето сегашно високо ниво.

Ливерпул се надева дека ќе ја преговараат претходно договорената цена од 47 милиони фунти (околу 56 милиони евра) со Барселона.

Полнета плескавица со кашкавал од скара

Полнета плескавица со кашкавал од скара
Фото: Biso, Wikimedia Commons (CC BY 3.0)

Добрата плескавица не е само мелено месо на оган — таа е замесена, одморена и печена на немилосрдно жешка површина. Газираната вода ја прави воздушеста, а кашкавалот скриен во средината се топи додека корката фаќа темен, скарски раб. Прво загризување — и сè е јасно.

Време45 минутиПорции4ТежинаСредно

Состојки

  • 600 г мелено јунешко месо (или мешано со свинско)
  • 100 мл газирана минерална вода
  • 1 лажичка сол
  • половина лажичка свежо мелен бибер
  • половина лажичка сода бикарбона
  • 1 лажичка благ мелен црвен пипер
  • 120 г кашкавал, крупно рендан
  • 1 главица кромид, ситно сечкана, за служење
  • 4 меки лепиња

Подготовка

  1. Измешајте го месото со солта, биберот, содата и црвениот пипер, па постепено додавајте ја минералната вода месејќи 3–4 минути, додека смесата не стане лепенлива и мазна. Изладете ја во фрижидер барем 30 минути.
  2. Поделете го месото на 8 еднакви топки и сплескајте ги во тенки плескавици на навлажнета површина.
  3. На четири плескавици распоредете го кашкавалот, оставајќи раб од 1 см. Покријте со останатите четири и добро залепете ги рабовите со прсти — тука не смее да има процеп.
  4. Вжештете скара или дебела грил-тава до вжарено. Печете ги плескавиците 4–5 минути од страна, превртувајќи само еднаш, без притискање со лопатката.
  5. Оставете ги да одморат 3 минути, па служете во топли лепиња со сечкан кромид. Внимавајте на првото загризување — кашкавалот внатре е врел.
Совет од кујната: Не притискајте ја плескавицата со лопатката додека се пече — со секое притискање истиснувате сок што требаше да остане во месото, а огнот добива само чад.

Индустриското производство во септември зголемено за 2,4 проценти на годишно ниво

Индустриското производство во септември зголемено за 2,4 проценти на годишно ниво
Фото: Нетпрес

Индустриското производство во септември 2026 година бележи зголемување од 2,4 проценти во споредба со истиот месец минатата година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Растот се должи пред сè на зголеменото производство во преработувачката индустрија, каде што е регистриран пораст од 4,2 проценти. Наспроти тоа, во секторот Рударство и вадење камен е забележано намалување на производството од 7,7 проценти, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација пад од 11,4 проценти.

Зголемувањето во преработувачката индустрија, според ДЗС, е резултат, пред сè, на повисокото производство на пијалаци, текстил, хемикалии и хемиски производи, производи од гума и пластични маси, други неметални минерални производи, метали, фабрикувани метални производи, како и моторни возила, приколки и полуприколки.

Најголем придонес за порастот на индустриското производство во септември има зголемувањето кај производството на други неметални минерални производи од 64,4 проценти, производството на пијалаци од 21,3 проценти и производството на моторни возила, приколки и полуприколки од пет проценти.

Според главните индустриски групи, пораст е регистриран кај интермедијарните производи, освен енергија, од 16,9 проценти и капиталните производи од 1,3 проценти.

Намалување има кај енергијата од 20,3 проценти, трајните производи за широка потрошувачка од 8,3 проценти и нетрајните производи за широка потрошувачка од 4,5 проценти.

Индустриското производство во периодот јануари – септември 2026 година, во споредба со истиот период лани, забележа раст од 0,8 отсто.

Македонските домаќинства и натаму со поевтина струја од европскиот просек

Фото: Нетпрес
Фото: Нетпрес

Македонија е меѓу земјите со најниски номинални цени на електричната енергија за домаќинствата во Европа. Според податоците на Евростат за првата половина од 2026 година, просечната цена во земјава изнесувала 11,68 евра за 100 киловат-часови, додека просекот во Европската Унија бил 28,32 евра. Тоа значи дека, за истата потрошувачка категорија, цената во Македонија била за 58,8 проценти пониска од просекот на ЕУ.

На мерките за заштита на стандардот на граѓаните се осврна и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, која вчера посочи дека актуелната продажна цена на електричната енергија од ЕСМ изнесува 65 евра за мегават-час. Според неа, преку пониските продажни цени на ЕСМ се ублажува ценовниот притисок врз домаќинствата.

„Ние правиме сè за да го заштитиме стандардот на граѓаните, и тоа преку ЕСМ“, изјави Божиновска, одговарајќи на новинарски прашања по отворањето на саемот „Енерго Технома 2026“. Таа истакна дека домашното производство на електрична енергија е стабилно и дека ЕСМ се грижи за сигурното снабдување на граѓаните, додека институциите ги следат движењата на цените на енергенсите.

Највисока цена во Европската Унија имала Ирска, каде што домаќинствата плаќале во просек 38,71 евра за 100 киловат-часови. Следуваат Германија со 36,18 евра и Белгија со 35,75 евра. Според овие податоци, цената во Ирска била околу 3,3 пати повисока од онаа во Македонија.

Разликите се видливи и во регионалната споредба. Во Романија цената изнесувала 28,36 евра за 100 киловат-часови, во Грција 24,01 евро, во Словенија 21,18 евра, а во Хрватска 18,16 евра. Повисоки цени од Македонија се забележани и во Бугарија, Србија и Албанија. Пониски цени, пак, имале Црна Гора, Босна и Херцеговина, Косово и Турција.

Позицијата на Македонија дополнително ја илустрира споредбата со сите членки на ЕУ: единствено Унгарија, со 11,39 евра за 100 киловат-часови, имала пониска цена. Во останатите 26 земји членки, домаќинствата од споредуваната категорија плаќале повисока просечна цена за електричната енергија.

Анализата се однесува на домаќинства со годишна потрошувачка од 2.500 до 4.999 киловат-часови. Цените ги вклучуваат електричната енергија, мрежните трошоци, даноците и давачките. Споредбата ги прикажува номиналните цени во евра, без приспособување за разликите во приходите и куповната моќ на домаќинствата.