
„Пред три до четири години, речиси и да немаше дата-центри, а сега тие трошат меѓу три и четири терават часови (TWh) електрична енергија годишно, што е околу 2,5 проценти од вкупната потрошувачка во Норвешка“, изјави за Reuters шефот на Норвешката управа за водни ресурси и енергија (NVE) Кјетил Лунд.
До 2035 година, според извештајот на NVE објавен во четвртокот, тие би можеле да трошат 25 TWh електрична енергија, под претпоставка дека се користат веќе одобрените приклучоци кон електричната мрежа.
Норвешка произведува најголем дел од својата електрична енергија во хидроцентрали, а производството обично ја надминува потрошувачката за околу 15 TWh годишно. Сепак, сега постои ризик од недостиг на електрична енергија, бидејќи зголемувањето на производствениот капацитет е ограничено, предупреди NVE, по предупредувањето од операторот на преносниот систем Statnett.
Секторот за центри за податоци во Норвешка, кој е во голема мера во странска сопственост, е предмет на сè поголеми критики поради релативно малиот број работни места и неговото потенцијално влијание врз цените на електричната енергија. Слични дискусии се водат и во други земји, а центрите за податоци, исто така, се жешка тема пред изборите за Конгресот во САД.
Според студија нарачана од норвешкото Министерство за дигитализација и јавна администрација, центрите за податоци ќе генерираат директна додадена вредност од околу 3,2 милијарди круни (345 милиони долари) до 2025 година, вработувајќи околу 600 работници со полно работно време.
Некои политички партии се залагаат за привремено суспендирање на дозволите за нови дата-центри и нивна изградба. Црвената партија (Rodt) објави дека ќе поднесе таков предлог до парламентот следната недела, а други партии ја поддржаа иницијативата. Сè уште не е јасно дали предлогот ќе го добие потребното мнозинство во парламентот.
Малцинската влада предводена од Лабуристичката партија веќе работи на краткорочни и долгорочни мерки за ставање на ситуацијата под контрола, изјави за Reuters министерот за енергетика Терје Асланд.
„Сакаме во Норвешка да се отворат вистински центри за податоци, оние што се од стратешко значење на национално ниво. Исто така, проверувам како ваквите трендови влијаат врз електроенергетскиот систем“, рече норвешкиот министер.



