Пјонгјанг тестирал нов борбен систем

Севернокорејската државна новинска агенција KCNA соопшти во неделата дека одбранбените институти на земјата тестирале нов оружем систем.

0
Пјонгјанг тестирал нов борбен систем
Фото: Нетпрес

Тестот имал цел „да се процени борбената применливост и моќта на кластерска боева глава на тактичка балистичка ракета“, соопшти новинската агенција KCNA.

Тестот покажал дека, поради својата супермоќна густина, стандардната кластерска (распрснувачкa или касетна) боева глава од тип 2 е способна да уништи целна област од 12-13 хектари.

„Ние ги делиме касетните боеви глави на боеви глави за специјална намена и боеви глави од четири стандардни типови. Оваа година ќе се обидеме да осигуриме дека нашите единици можат да ги изберат и користат сиве овие боеви глави во зависност од нивните оперативни задачи“, изјави шефот на Главната ракетна дирекција на Северна Кореја, цитиран од руската агенција ТАСС.

Пјонгјанг ги засили своите демонстрации на воена моќ последните седмици со повеќекратни ракетни тестови и демонстрација на беспилотни летала. Аналитичарите веруваат дека тестовите може да бидат дел од напорите за модернизација на вооружените сили на земјата. Северна Кореја стекна искуство во спроведувањето на современи борбени операции со испраќање војници да учествуваат во војната во Украина на страната на својот сојузник Русија во одбраната на руската Курска област, забележува Reuters.

Минатата седмица Северна Кореја истрела околу 10 балистички ракети од својот источен брег во морето, дента кога германскиот канцелар Фридрих Мерц беше во посета на Јужна Кореја на самит и зборуваше за воената соработка меѓу Пјонгјанг и Москва како наводна закана за Европа.

Извор: Нетпрес