Прескокни до содржината
Реклама

Во Бугарија се гласа во вториот круг од претседателските избори

Во Бугарија се гласа во вториот круг од претседателските избори
Фото: МКД.мк

Во вториот круг се соочуваат актуелната вршителка на должноста претседател Илијана Јотова и поранешниот технички премиер Андреј Ѓуров.

Јотова во првиот круг, одржан на 25 октомври, освои 34,76 отсто од гласовите, а Ѓуров 31,95 отсто. Изборите ги одбележа рекордно ниска излезност од околу 23 отсто.

Гласачките места се отворија во 7 часот, а се затвораат во 20 часот. Првите резултати се очекуваат вечерва, додека официјалните треба да бидат познати утре.

Изборите се одржуваат во време на сè поголеми економски тешкотии и зачестени напади врз бродови во Црно Море, во кои загинаа или исчезнаа повеќе морнари.

Јотова настапува како независна кандидатка. Таа претходно беше потпретседателка на Бугарија, а во почетокот на годинава ја презеде претседателската функција откако Румен Радев поднесе оставка.

Се очекува Јотова да ја продолжи политиката на Радев, која подразбира задржување на европскиот курс на Бугарија, но и залагање за подобри односи со Русија и укинување на санкциите против Москва.

Набљудувачите оценуваат дека нејзината победа би значела задржување на претседателската функција во рацете на владејачкото мнозинство.

Нејзиниот противкандидат Ѓуров е економист и поранешен заменик-гувернер на бугарската централна банка, кој во почетокот на годинава ја предводеше техничката влада. Тој ја има поддршката од прозападната реформска опозиција.

Ѓуров се залага за силна поддршка на Украина, а за време на премиерскиот мандат потпиша договор за безбедносна соработка со Киев.

Тој смета дека Бугарија треба да биде сигурен сојузник во НАТО, со силна дипломатија и јасни позиции, а претходно ја критикуваше владата поради воздржаноста да ја означи Русија како агресор во војната во Украина.

Шестмина возачи приведени за безобѕирно возење, тројца немале возачка дозвола

Шестмина возачи приведени за безобѕирно возење, тројца немале возачка дозвола
Фото: Опсервер

Шест возачи биле лишени од слобода во текот на изминатото деноноќие на различни локации низ државата поради сомнение за сторено кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“, соопшти Министерството за внатрешни работи.

Тројца од приведените управувале возила без положен возачки испит. Станува збор за Б.М. (34) од скопско Батинци, 16-годишник од селото Морани и Ф.К. (32) од прилепското Големо Коњари, кој истовремено бил и под дејство на алкохол.

Под дејство на алкохол бил затекнат и С.А. (53) од делчевското село Град, кој претходно предизвикал сообраќајна несреќа со материјална штета.

Од слобода бил лишен и А.А. (38) од Прилеп, кој управувал возило и покрај активната забрана за управување со моторно возило, а бил и под дејство на алкохол.

М.Е. (66) од тетовско, пак, бил приведен откако управувал патничко возило во спротивна насока.

Од МВР информираат дека по целосното документирање на случаите против лицата ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.

Од Министерството апелираат до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и да не управуваат возила без возачка дозвола, под дејство на алкохол или со изречена забрана за управување, нагласувајќи дека ваквото однесување сериозно ја загрозува безбедноста во сообраќајот.

Северна Кореја ја изврши најголемата кражба на криптовалути во историјата, потврди ФБИ

Северна Кореја ја изврши најголемата кражба на криптовалути во историјата, потврди ФБИ
Фото: МКД.мк

ФБИ доцна синоќа соопшти дека за нападот е одговорна севернокорејската хакерска група Трејдертрејтор. Истата група претходно ја идентификуваше и американската компанија ТРМ лабс, која се занимава со анализа на трансакции со криптовалути.

Според анализата на ТРМ лабс, напаѓачите префрлија најголем дел од украдените 6,3 милијарди долари за само 20 минути. Се претпоставува дека целта беше што побрзо да ги префрлат средствата за да спречат нивно замрзнување.

ФБИ потврди дека американските власти го следат движењето на украдените дигитални средства. Во соработка со американската Тајна служба и даночните истражители утврдија дека хакерите главно ги претвораат украдените средства во криптовалутата етериум.

„Забележавме дека припадниците на Трејдертрејтор ги претвораат украдените средства“, соопшти ФБИ, предупредувајќи дека следуваат дополнителни обиди за перење пари преку платформи за децентрализирани финансии и услуги за моментална размена на криптовалути.

Со ваквите трансакции напаѓачите се обидуваат да го отежнат следењето на украдените пари. ФБИ објави и адреси на дигитални паричници што ги поврзува со севернокорејските хакери и ги повика берзите за криптовалути и компаниите што анализираат блокчејн-трансакции да ги блокираат трансакциите поврзани со тие адреси.

Бајненс вчера соопшти дека со сопствени средства веќе надомести 90 проценти од украдените криптовалути. Компанијата издвои околу 6,34 милијарди долари за покривање на загубите, со цел корисниците да не останат без своите средства.

Преостанатите 10 проценти се однесуваат на криптовалути со кои поретко се тргува и кои потешко се набавуваат во големи количини. Од Бајненс порачаа дека ќе им биде потребно дополнително време за целосно надоместување на загубите.

„Бајненс ќе ги сноси финансиските последици од кражбата, а не нашите корисници“, соопшти компанијата на социјалната мрежа Икс.

За покривање на штетата компанијата искористи и дел од својот резервен фонд за заштита на корисниците, вреден приближно една милијарда долари.

Меѓу украдените дигитални средства има биткоини, етериум и таканаречени стабилни криптовалути, како тетер и УСД коин, чија вредност е поврзана со традиционалните валути, најчесто американскиот долар.

За разлика од биткоинот и етериумот, издавачите на одредени стабилни криптовалути можат да ги замрзнат средствата поврзани со кражба. Затоа, по нападот беше блокиран дел од украдениот износ, додека потрагата по преостанатите средства продолжува преку следење на трансакциите.

Бајненс по нападот привремено ги запре исплатите на криптовалути и најави дека планира повторно да ги овозможи денеска, по завршувањето на дополнителните безбедносни проверки.

„Лили – Девојчето кое не е од тука“ – нов роман на Мимоза Ристова

„Лили – Девојчето кое не е од тука“ – нов роман на Мимоза Ристова
Фото: МКД.мк

Приказната обработува едно необично сведоштво за девојче чија мајка тврди дека тоа не е од овој свет. Она што на почетокот изгледа како уште една неверојатна приказна за средба со непознатото, постепено прераснува во сложена потрага по вистината, во која се вклучуваат истражувачи, сведоци и луѓе чии судбини се поврзуваат со мистериозната Лили.

Низ необични случувања, научни претпоставки, митовите за дрвните астронаути и религиозни симболи, романот вешто и низ моќни драматични пресврти го води читателот кон прашања што го интригираат човештвото со милениуми: Кои сме? Од каде доаѓаме? Дали сме сами во бескрајниот Космос? Колкава е веројатноста да не сме сами? И дали науката и духовноста, како две страни на една иста реалност, со здружени сили можат да нè доведат до некоја заедничка вистина по која несвесно копнееме?

„Лили“ е роман на мистерија, нежно допрена со искра на научна фантастика. „Лили“ е филозофско преиспитување на религијата, но и земска приказна за реализираното космичко мајчинство, приказна за синхроницитет и невидливите врски што ги врзуваат луѓето. Во еден од слоевите на „Лили“ ќе најдете и на суптилна платонска љубов меѓу протагонистите. „Лили“ е исконско-човечка игра меѓу вербата, сомнежот и потребата да му даде смисла на сопственото постоење.

Инспириран од едно необично сведоштво, но изграден како книжевна фикција, романот отвора мегдан за размислување за сериозните граници на човечкото знаење и за можноста да се види реалноста која е далеку посложена од она што со нашето денешно еволутивно сетилно ниво можеме да го спознаеме.

Лили не остава со длабоко задумани во лајтмотивот на романот: најбитното прашање не е дали постои друга интелигенција во Вселената, туку дали човештвото е подготвено за средба со неа.

Романот можете да го набавите во книжарницата „Полица“ во Скопје. Наскоро ќе следи промоција.

Судиите на Филипче и Ахмети повторно во нивна одбрана, судат само по насоки на нивните наредбодавци

Судиите на Филипче и Ахмети повторно во нивна одбрана, судат само по насоки на нивните наредбодавци
Фото: Нетпрес

Судиите на Филипче и Ахмети повторно во нивна одбрана, судат само по насоки на нивните наредбодавци, изјави денеска на прес-конференција Бране Петрушевски, заменик генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ, што го пренесуваме интегрално.

Откако пред само некој месец Ислам Абази го амнестираше Филипче за било каква вина во случајот со модуларните болници, со тоа што не отвори случај за истите, денес Африм Фидани ги ослободи Артан Етеми и Флорин Бесими, поранешни директори на тетовската болница за пожарот во кој загинаа 14 наши сограѓани.

Филипче и Ахмети, двајца ликови кои никој не ги поддржува, кои се во длабока опозиција, единствено што можат да направат, пред да си заминат во политичката историја, е преку своите инсталации во судството да се амнестираат.

Како може да има нула обвинети или осудени за пожар во модуларната болница? Како може да биде крив кабелот? Како може Филипче да не биде повикан ниту на информативен разговор, а Бесими и Етеми да се ослободат? Дали пресудите и обвиненијата во правосудството се бришат доколку сте близок до Филипче или Ахмети?

Случај во кој живи изгореа 14 наши сограѓани, мора да има поинаква судска разрешница. Правда мора да има.

Најлошиот Јунајтед во последните 42 години

Најлошиот Јунајтед во последните 42 години
Фото: EPA

Манчестер Јунајтед загуби со 2:0 на гостински терен од Челзи, продолжувајќи ја својата серија без победа на девет натпревари во сите натпреварувања.

Ова е најдолгата таква серија на клубот од септември 1984 година.

Челзи победи со головите на Морган Роџерс и Кол Палмер од пенал, гостите половина час играа без исклучениот Лисандро Мартинез. Аргентинецот кумуваше за првиот гол на Роџерс, а потоа со аматерска реакција направи пенал и заработи исклучување.

Притисокот врз тренерот Мајкл Карик се зголемува, но тој очекува да го предводи тимот во следниот натпревар против Рома.

Кризата е особено изразена на гостински терен, бидејќи Јунајтед не победил на последните седум гостувања во сите натпреварувања.

Клубот немал таква серија од сезоната 1973/74, кога последен пат испадна од елитните рангови на англискиот фудбал.

Џефри Сакс на Школата на млади лидери: Нема никакво оправдување за војна меѓу САД и Кина, меѓу САД и Русија или меѓу кои било други големи сили

Џефри Сакс на Школата на млади лидери: Нема никакво оправдување за војна меѓу САД и Кина, меѓу САД и Русија или меѓу кои било други големи сили
Фото: МКД.мк

„За мене, мултиполарноста подразбира постоење на повеќе центри на моќ во светот, односно повеќе големи сили. Мултилатерализмот, пак, значи дека се однесуваме во согласност со договорени и правични правила, пред сè со Повелбата на Обединетите нации, која и денес останува од суштинско значење за меѓународната соработка.

Навистина, поимот ‘интеррегнум’ потекнува од познатиот цитат на италијанскиот филозоф Антонио Грамши, кој бил затворен од режимот на Мусолини и своите белешки ги пишувал во затворската ќелија. Една од неговите најпознати мисли гласи: ‘Стариот свет умира, а новиот сè уште не може да се роди. Ова е времето на чудовиштата’.

Со други зборови, се наоѓаме во период на транзиција во кој сè уште немаме воспоставен меѓународен систем. Немаме заеднички прифатени правила на игра. Не сме далеку од она што ни е потребно, но проблемот е што не се придржуваме до правилата.

Накратко, во XIX век светот беше доминиран од европските империјални сили. Европските империи продолжија да доминираат со остатокот од светот и во првата половина на XX век. Но, Европа самата се распарчи во две огромни војни – Првата и Втората светска војна. Секако, и вашиот регион беше длабоко погоден од тие конфликти. Тие беа разорни и трагични. Една од последиците беше крајот на европските империи.

Она што следуваше беше особено интересно. Од една страна, империјалната ера заврши и Европа ги загуби своите колонии. Во некои случаи тие ги напушти мирно, а во други дури по ослободителни војни. Но, Европа беше исцрпена. Морално истрошена и финансиски банкротирана. Повеќе не можеше да продолжи по стариот пат. Нејзиниот углед како доминантна светска сила беше сериозно нарушен по двете катастрофални светски војни.

Така, земјите во Азија и Африка ја добија својата независност. Но, истовремено, на светската сцена се издигнаа Соединетите Американски Држави и Советскиот Сојуз. Тие станаа двете нови суперсили, односно новите империи.

Сепак, нивното дејствување не беше идентично со класичниот империјализам во Азија и Африка. Тие не настојуваа да ги контролираат териториите преку нивно директно поседување, туку преку влијание врз тоа кој ќе владее во тие земји.

Во 1991 година Советскиот Сојуз се распадна на 15 нови независни држави, слично како што се распадна и Југославија. Делумно под надворешен притисок, а делумно поради внатрешните противречности. Како резултат на тоа, на крајот од 1991 година, Соединетите Американски Држави се најдоа во позиција на единствена преостаната суперсила.

Несомнено, Америка е империја, бидејќи нејзината моќ надвор од сопствените граници не се заснова на поседување територии, туку на контролирање или барем обид за одредување на тоа кој ќе управува со други држави.

Но, она што се случи по 1991 година е многу важно. Во суштина, економски, воено и технолошки, светот постепено стана мултиполарен. Особено со подемот на Кина, повторното зацврстување на Русија како голема сила и растот на Индија, која денес е нуклеарна сила, располага со вселенска програма и има значајна економија, иако нерамномерно развиена.

Денес имаме неколку големи светски сили. Мислам дека никој реално повеќе не ги смета Соединетите Американски Држави за единствена светска суперсила. Всушност, можеме да видиме дека САД, и покрај својата прилично сурова војна против Иран, не успеваат да го поразат Иран, кој е регионална, односно средна сила.

Во таа смисла, светот денес е суштински различен дури и од светот пред 35 години, кога Советскиот Сојуз се распадна. Тогаш Соединетите Американски Држави се прогласија за единствена светска суперсила и хегемон на светот. Но, реалноста денес е поинаква.

Една од најголемите опасности на современиот свет е јазот меѓу претставата што Америка сè уште ја има за сопствената моќ и реалната состојба. Америка и понатаму се гледа себеси како доминантна светска сила, но тоа веќе не е така. Не може да ги постигне своите цели со истите сурови методи што ги користеше во минатото.

На пример, обидот за промена на власта во Иран е типична американска операција. САД успешно го направија тоа во 1953 година. Кога велам успешно, не мислам дека тоа било успешно за Иран, туку за американската цел – соборување на иранската влада. Но, во 2026 година тоа веќе не можат да го направат.

Значи, живееме во сосема поинаков свет. Но, како што рече Грамши, новиот свет сè уште не е роден, бидејќи сè уште немаме воспоставен геополитички поредок што ќе ја одразува мултиполарната реалност…

…САД преземаа бројни акции за соборување влади, но не успеаја да ги реализираат своите цели, бидејќи едноставно ја немаат моќта за која претпоставуваат дека ја поседуваат.

Една од причините поради кои денес имаме војна во Украина, според моето мислење, е обидот на Соединетите Американски Држави да го прошират својот воен сојуз, НАТО, кон Украина и регионот на Јужен Кавказ, вклучително и Грузија. Идејата беше јасна: да се ослаби Русија преку нејзино опкружување со земји членки на НАТО – Украина, Романија, Бугарија, Турција и Грузија.

Тоа не успеа, бидејќи Русија порача дека нема да прифати такво нешто, ниту во Украина, ниту во Грузија. И денес сме на бојното поле токму поради ова прашање.

Јас сакам војната да заврши така што Соединетите Американски Држави конечно јавно ќе го кажат она што приватно го признаваат: дека НАТО нема да се проширува во Украина и Грузија. Овие земји треба да бидат неутрални, а не вазалски држави на Соединетите Американски Држави.

Ова е моето основно разбирање за моменталната состојба. Кина стана голема сила. Русија е голема сила. Индија е голема сила. Соединетите Американски Држави се голема сила. Ниту една од нив не може да ги порази останатите. Директна војна меѓу која било од овие сили веројатно би довела до нуклеарно уништување.

Нема никакво оправдување за војна меѓу САД и Кина, меѓу САД и Русија или меѓу кои било други големи сили. Сите овие држави располагаат со нуклеарно оружје. Тие треба да соработуваат и да ги почитуваат меѓусебните безбедносни интереси, пред сè избегнувајќи распоредување воени и безбедносни структури непосредно до границите на друга голема сила.

Јас сум против членството на Украина во НАТО, против американското вооружување на Тајван и против евентуалниот обид на Кина да воспостави воени бази на Карибите или во Мексико. Секако, Кина не го прави тоа и нема такви намери. Но, доколку би се обидела, тоа би било катастрофално и би можело да доведе до војна, слично како во Украина.

Сега, за крај, мора да кажам дека во светот имаме многу реални проблеми, покрај оние што самите ги создаваме. Војната во Иран ја сметам за целосно непотребна. Нема никаква причина за неа. Војната во Украина е исто така целосно непотребна. Војната во Газа е апсолутно сурова и е резултат на еден вид очајнички екстремизам во Израел, кој длабоко го осудувам.

На Палестинците мора да им се овозможат нивните политички права. Тоа е најосновното прашање. Овие конфликти воопшто не мораа да се случат. Нема некаква длабока причина што ги прави неизбежни.

Но, истовремено, имаме навистина сериозни проблеми со кои мора да се справиме. Тука се глобалните еколошки предизвици, климатските промени предизвикани од човечкото дејствување, уништувањето на екосистемите ширум светот и загадувањето на океаните. Ова се исклучително сериозни проблеми кои бараат долгорочна глобална соработка.

Војните не само што ги влошуваат овие проблеми, туку и нè одвлекуваат од нивното решавање. Тие ги одземаат политичкиот капитал, вниманието и финансиските средства што треба да бидат насочени кон вистинските предизвици.

Покрај тоа, се соочуваме и со опасни технологии. Тука се нуклеарната енергија и нуклеарното оружје. Имаме и вештачка интелигенција, која е исклучително моќна и може да донесе огромни придобивки, но може да биде злоупотребена – автономно или од злонамерни актери – и да предизвика огромна штета во светот.

Постои и напредната биотехнологија, со чија помош би можеле да се создадат нови патогени организми што би можеле да го загрозат човештвото. За сите овие прашања е потребно заедничко управување и регулирање од страна на сите држави во рамките на Обединетите нации. И повторно, војните нè оддалечуваат од оваа исклучително важна агенда.

Значи, имаме јасна агенда. Имаме Обединети нации. Имаме Повелба на ОН. Секако, таа треба да се осовремени и реформира, бидејќи е создадена во 1945 година, во согласност со тогашната распределба на светската моќ. Денес е потребна пореална и посоодветна институционална структура.

Потребна ни е реформа на институциите на ОН, но веќе имаме добра основа. Најголемиот проблем со Обединетите нации денес се Соединетите Американски Држави, а не самата организација. Проблемот е во тоа што САД ја отфрлаат авторитетноста на Обединетите нации. Ги напуштаат меѓународните договори, го отфрлаат климатскиот договор и се повлекуваат од договорите за контрола на нуклеарното вооружување.

Ова е повеќе американски проблем отколку проблем на ОН. Но, тој се манифестира како проблем на Обединетите нации, бидејќи токму таму треба да се одвива мултилатералната соработка.

Значи, живееме во сложен свет. Наскоро ќе добиеме нов генерален секретар на Обединетите нации. Тоа мора да биде личност со интегритет, која ќе има храброст да се спротивстави на американскиот притисок и заплашување. САД се обидуваат да наметнат кандидати кои ќе ги спроведуваат нивните интереси. Тоа би било трагедија за Обединетите нации.

Нам ни треба генерален секретар кој ќе може да каже: ‘Јас го претставувам целиот свет, а не една конкретна држава’. Токму за тоа се водат разговорите во моментов“, анализираше Џефрли Сакс со учесниците на Школата за млади лидери.

Голем пожар во објектот на компанијата за автобуски превоз „Белдона“ од Кочани

Голем пожар во објектот на компанијата за автобуски превоз „Белдона“ од Кочани
Фото: Нетпрес

Утрово, околу 9 часот, изби голем пожар во објектот на компанијата за автобуски превоз „Белдона“, лоциран во непосредна близина на бензинската пумпа на „Лукоил“ во месноста Цацков Бунар кај селото Тркање.

Според очевидците, огнот брзо го зафатил објектот, при што од внатрешноста се слушале и експлозии.

Веднаш по пријавата, на местото на настанот се упатиле и интервенираат противпожарните екипи на ТППЕ и ДПД од Кочани и од Виница, како и специјализираното противпожарно возило на компанијата „Техком“, кои дејствуваат со целата расположлива механизација и со десетина противпожарни возила. За среќа, автобусите на компанијата биле навреме изнесени на сигурно и се спасени од огната стихија. Сепак, според првичните согледувања од лице место, самиот објект е целосно опожарен.

Командирот на ТППЕ Кочани Драган Апостолов:

Деталите за пожарот ќе бидат соопштени утре, како и за причинетите штети.

Во интервенцијата се повредени тројца пожарникари на ТППЕ Кочани кои се здобиле со изгореници.

Видео: Радио Кочани

Две години од уривањето на настрешницата: Река луѓе се упати кон железничката станица во Нови Сад

Две години од уривањето на настрешницата: Река луѓе се упати кон железничката станица во Нови Сад
Фото: Опсервер

Три колони граѓани утрово тргнаа низ улиците на Нови Сад кон железничката станица, каде што во 11:52 часот ќе се одржи комеморативен собир по повод две години од уривањето на настрешницата, во кое загинаа 16 лица.

Колоните тргнаа од три локации – Медицинскиот факултет, Лиманскиот парк и Варадинскиот мост. Предвидено е да се спојат, а потоа заеднички да продолжат по Булеварот на ослободувањето кон железничката станица.

На чело на колоната од Медицинскиот факултет граѓаните носат венци со имињата на загинатите, како и големо црно платно со натпис „11.52“ и бели гулаби.

На повик на студентите, во поворките нема политички обележја, транспаренти ниту бучава, бидејќи собирот е посветен на сеќавањето на загинатите.

Покрај трите колони, се очекува да пристигнат и група моторциклисти од Белград, како и пешачка колона од Темерин.

Во 11:52 часот е планирано 16-минутно молчење во чест на загинатите, по што ќе следува кратка комеморативна програма.

Настрешницата на Железничката станица во Нови Сад се урна на 1 ноември 2024 година. Во несреќата на самото место загинаа 14 лица, а уште две подоцна им подлегнаа на повредите.

Полицијата со штитови и палки го растера кампот на демонстрантите во Лисабон

Полицијата со штитови и палки го растера кампот на демонстрантите во Лисабон
Фото: Опсервер

Португалската полиција рано утрово со употреба на штитови и палки го отстрани шаторскиот камп на плоштадот Росио, во центарот на Лисабон, откако стотици демонстранти се обидоа да го спречат уривањето на шаторите поставени по вчерашниот масовен протест против владиниот закон за закупнини.

Португалија се соочува со една од најтешките станбени кризи во Европа, а младите се особено погодени. Цените на недвижностите се зголемиле повеќе од двојно од 2017 година, додека кириите за новите договори речиси се удвоиле. Демонстрантите предупредуваат дека предложените законски измени дополнително ќе ја влошат состојбата.

По вчерашниот протест, на кој се собраа неколку илјади луѓе, учесниците поставија повеќе од 50 шатори на плоштадот Росио. Тие најавија дека ќе продолжат со протестите против предлог-законот на владата, со кој ќе се олесни иселувањето на закупците и ќе се укинат ограничувањата на кириите за новите договори.

Околу 3:30 часот утрово, десетици полицајци, меѓу кои и службеници со кучиња, пристигнале на плоштадот. Полицискиот командир трипати ги предупредил демонстрантите дека мора да ги отстранат шаторите бидејќи се поставени нелегално.

Тој предупредил и дека оние што нема да ги почитуваат полициските наредби може да се соочат со обвиненија за непослушност. Бидејќи демонстрантите одбиле да го напуштат кампот, полицијата започнала со отстранување на шаторите, користејќи штитови за да ја потисне толпата. Во неколку наврати биле употребени и палки за растерување на насобраните луѓе.

Полицијата ноќеска отстранила и помал шаторски камп на плоштадот Дом Жоао Први во Порто, вториот по големина град во Португалија. И таму демонстрантите се собрале за да го изразат незадоволството од владината политика за домување.

Претставникот на Социјалистичката партија, Педро Делгадо Алвес, претходно предупредил дека собирот на плоштадот Росио бил мирен и дека немало причина за насилна полициска интервенција.

Според него, ништо не ја оправдува „полициската интервенција со употреба на сила, физичко насилство или удари со палки, сцени какви што видовме минатата недела“.

Полицијата и минатиот викенд беше критикувана поради начинот на кој ги отстрани шаторските кампови од истите плоштади. Тогаш, исто така, беа употребени палки, а беа уапсени и десетици демонстранти.

Протестите поради високите трошоци за домување се интензивираат низ Португалија во последните недели. Слични собири се одржуваат и во Шпанија, Франција, Германија и други европски земји.