
Конечните резултати се очекуваат в понеделник, по пребројувањето на сите гласови. Според анкетите, излезноста изнесувала меѓу 27 и 29 отсто, нешто повеќе отколку во првиот круг на 25 октомври, кога гласале околу 23 отсто од избирачите.
Претседателските избори се одржаа во услови на зголемена загриженост за безбедноста во Црно Море, по серијата напади со дронови врз трговски бродови во близина на бугарскиот брег минатиот месец. Нападите предизвикаа меѓународна осуда и стравувања од ширење на војната во Украина.
Се стравува дека загинале околу 20 морнари, а нападите ја натераа бугарската влада да побара помош од сојузниците за зајакнување на поморската безбедност. Во средата потона грчки контејнерски брод откако бил погоден од поморски дронови.
Двајцата претседателски кандидати ги осудија нападите и повикаа на дипломатско завршување на војната. Премиерот Румен Радев, кој ја поддржува Јотова, изјави дека исходот од нападите „ѝ оди во прилог на Руската Федерација“.
Јотова ја презеде функцијата вршител на должноста претседател во јануари, откако Радев поднесе оставка за да учествува на парламентарните избори. Тој победи предводејќи изборна листа што многу политички аналитичари ја оценија како блиска до Кремљ.
„Гласав Бугарија да биде силна земја во силна Европа, но и да има сопствена надворешна политика и свој глас кога треба да го брани она што е најважно – националниот интерес“, изјави Јотова по гласањето.
Нејзиниот противкандидат Андреј Ѓуров, кој годинава беше привремен премиер, ја има поддршката од прозападните и реформските партии. Тој подолго време се залага за поддршка на Украина, а за време на премиерскиот мандат потпиша договор за безбедносна соработка со Киев.
„Денес гласав за безбедна, стабилна и европска Бугарија“, изјави Ѓуров.
Поддршка за него изразија и повеќе политичари од десницата, меѓу кои и поранешниот премиер Бојко Борисов.
Извор: МКД.мк



