Нова универзална вакцина против грип

вирусНаучници од Универзитетот Оксфорд успешно тестирале универзална вакцина против грип која би можела да работи против сите познати форми на болеста. Ова е значаен чекор во борбата против болест од која страдаат милијарди луѓе секоја година.

Вакцината напаѓа различен дел од вирусот грип од традиционалните вакцини, што значи дека нема секоја година да бидат потребни скапи реформулации за да се одржи чекор со најуспешниот вирус во светот. Тимот предводен од доктор Сара Гилберт од Џенер Институтот, развил вакцина која ги напаѓа протеините во внатрешноста на вирусот кои се заеднички за сите форми, наместо оние кои се наоѓаат на надворешниот ѕид на вирусот, и лесно мутираат. Со широка употреба универзална вакцина против грип би можела да спречи пандемии, како неодамнешната појава на свински грип, и би значела крај за сезонските вакцини против грип.

„Проблемот со кој се соочуваме со грипот е постоењето на голем број различни форми кои постојано се менуваат“ изјавил Адриан Хил, директор на Институтот. „Понекогаш ќе се појави форма која мутирала кај диви птици или свињи на која ние немаме имунитет. Потребни ни се нови вакцини и не можеме да ги произведуваме доволно брзо.“ Универзална вакцина би заштидла голем дел од времето и парите кои се потребни за развивање на вакцини за посебните форми на вирусот кои се појавуваат секоја година. Британската влада потрошила околу 1,2 милијарди фунти во борбата против свинскиот грип минатата зима.

Процесот за создавање сезонска вакцина трае најмалку четири месеци и ако формата на грип поседува поголема заразност – како во 1918 кога умреа милиони луѓе – тоа време значи дека повеќе луѓе ќе се заболат и ќе умрат пред вакцината да биде готова. Оваа зима британската влада била критикувана поради начинот на кој се справиле со појавата на грипот. Недостигот на сезонската вакцина бил толку изразен во одредени делови на Британија што на лекарите им било речено да ги користат вакцините кои останале од вакцинацијата против свински грип. [Flu breakthrough promises a vaccine to kill all strains]

- Реклама -