Пицерија од Македонија трета година по ред во топ 50 најдобри во Европа

Една од првите асоцијации со Италија е храната, односно пицата, која, како што тврдат Италијанците, само тие можат да ја направат како што треба. Сепак, пицата стана толку популарна што речиси и низ целиот свет научија да ја подготвуваат како вистински професионалци.

Ширум земјината топка се отвораат ресторани кои служат само пица и тврдат дека нивната е најдобра. Поради тоа за оваа година е направена листа на 50 најдобри пицери во Европа, а на листата се најде и една од Македонија.

Скопскиот угостителски ресторан „Мато Наполитано“ се најде на 16-тото место, па така, македонската метропола официјално може да се пофали со една од најдобрите пици во цела Европа.

-Уживајте во автентичната италијанска кујна од појадок до вечера, вклучувајќи аперитиви, ручек и закуски, сето тоа во прекрасен амбиент. Ова е суштината на Мато Наполетано, ресторан и пицерија што по нешто повеќе од две години од отворањето, се етаблираше како главно место за уживање во италијанските кулинарски традиции.

Пицата се одликува со современ неаполски стил: мека, со изразена кора и прелиена со најдобрите состојки од италијанската кујна, вклучувајќи пршута, салама, млечни производи и сирења, кои се меѓу омилените. Винската листа е забележливо добро избрана и се фокусира на етикети од цела Италија, стои во објавата на организаторите за пицеријата.

Минатата година, „Мато Наполетано“ заврши на 25. место во истиот избор, додека и во 2022 година беше првите 50 во Европа.

Соседите како и земјите од поранешна Југославија исто така добро котираат на листата, па така пицерија од Хрватска го зазеде високото 14 место, две пицерии од Србија се на 32-то и 37-мо место, додека Словенија може да се пофали со 30 и 36 место.

- Реклама -