Николоски во Виена повика на регионална соработка и поврзување

Николоски во Виена повика на посилна регионална соработка и поврзување, посочувајќи дека проектите на коридорите 8 и 10 вредат меѓу пет и шест милијарди евра.

7
Николоски во Виена повика на регионална соработка и поврзување (Опсервер)
Фото: Опсервер

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на Виенскиот економски форум порача дека земјите од регионот треба заеднички да настапуваат на европскиот и на светскиот пазар, бидејќи поединечно се премали за глобална конкуренција.

Николоски на панел-сесијата „Заедничка визија за долгорочна економска соработка“ истакна дека поврзаноста е основа за развој на регионалната соработка и бизнисот. Тој рече дека политичките предизвици, минатото и историското наследство го отежнуваат процесот, но дека земјите од регионот мора заеднички да работат на него.

Реклама

Според него, Владата стратешки инвестира во коридорите 8 и 10, со цел Македонија да стане важна крстосница на Балканот. Вредноста на развојните проекти на двата коридори е меѓу пет и шест милијарди евра.

Тој наведе дека се градат шест автопатски делници, меѓу кои Охрид – Кичево, Кичево – Букојчани, Букојчани – Гостивар, Гостивар – Тетово, Скопје – Блаце и Битола – Прилеп. Завршени се и експресните патишта Градско – Дреново, Дреново – Фариш и Страцин – Крива Паланка.

Во железничката инфраструктура, Николоски посочи дека првиот дел од пругата Куманово – Бељаковце, во должина од 34 километри, е завршен, додека се работи на делницата Бељаковце – Крива Паланка во должина од 31 километар. За третата делница од Крива Паланка до влезот на прекуграничниот тунел, долга речиси 24 километри, веќе има активен тендер.

Тој рече дека со Бугарија е постигнат договор за железничко поврзување, за кое Македонија инвестира околу 810 милиони евра, а со Европската Унија се работи и на западната железничка врска со Албанија. Подготвителните активности за брзата пруга на Коридорот 10, од границата со Србија до границата со Грција, се при крај, а Николоски изрази очекување дека изградбата ќе почне многу бргу.

На форумот зборувал и за примената на вештачката интелигенција во јавните набавки. Според него, измените на Законот за јавните набавки предвидуваат дигитални алатки и решенија засновани на вештачка интелигенција за автоматизирано следење и откривање неправилности и ризици во постапките.