
Соговорниците разменија мислења за иднината на европскиот проект и процесот на проширување на Европската Унија, при што нагласија дека кредибилноста на процесот се гради врз јасни правила, еднакви критериуми и заслуги. Европската перспектива, според нив, треба да остане реална и достижна за земјите кандидатки.
Сиљановска-Давкова изрази благодарност за принципиелната поддршка од Австрија и за нејзината посветеност кон стабилноста, безбедноста и европската перспектива на Западен Балкан. Таа посочи дека проширувањето не е само политичко и економско прашање, туку и безбедносно, особено во услови на геополитички тензии што се закана за мирот во Европа.
На средбата беа разгледани можностите за продлабочување на соработката во економијата, енергетиката, климатските политики, образованието и културата. Беше изразена подготвеност за интензивирање на политичкиот дијалог на највисоко ниво, а договорено е и одржување официјална средба меѓу двајцата претседатели.






