
За капитални инвестиции се предвидени 40,8 милијарди денари, а преку Јавното претпријатие за државни патишта се планирани уште 18 милијарди денари. Од нив, над 12 милијарди денари се проектирани за изградба на патните делници Тетово–Гостивар, Гостивар–Букојчани и Прилеп–Битола, како дел од коридорите 8 и 10д.
Продолжува и реализацијата на автопатските делници Кичево–Охрид, Кичево–Букојчани и Скопје–Блаце. Според Стојаноски, со нив ќе се подобрат поврзаноста на регионите, безбедноста во сообраќајот и транспортот на стоки и услуги.
За железничката инфраструктура во 2027 година се предвидени 6,2 милијарди денари, што е зголемување од 53,6 отсто во однос на претходната година. Планирани се активности на делницата Крива Паланка–граница со Бугарија, изградба и опремување на заедничката железничка гранична станица Табановце, како и почеток на проектот за набавка на дополнителни локомотиви.
Ќе продолжи изградбата на железничката делница Бељаковце–Крива Паланка, а меѓу комуналните проекти се пречистителните станици во Скопје, Тетово и Битола и планираните активности во Велес, Штип и Виница.
За владината програма „Економски развој“ се планирани 9,7 милијарди денари, што е зголемување од 30,5 отсто во однос на 2026 година. Средствата се наменети за поддршка на инвестициските вложувања, привлекување нови инвеститори и создавање подобри услови за раст и развој на домашните компании.
Стојаноски изјави дека успешноста на буџетот ќе се мери преку реализираните проекти, изградените патишта, модернизираната железница, новите инвестиции и отворените работни места.






