
Форумот „Обновливи извори и жените во енергетиката“ го организира Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, во партнерство со Канцеларијата на Обединетите нации, УНДП и Економската комисија на ОН за Европа (УНЕЦЕ). Ќе го отвори министерката Сања Божиновска.
Во фокусот ќе бидат енергетската безбедност, обновливите извори на енергија, зеленото финансирање, регионалната соработка и женското лидерство во енергетскиот сектор.
На работната средба одржана на 24 ноември, Солстром ја истакнал безрезервната поддршка од амбасадата на Кралството Шведска за одржувањето на форумот. Тој оценил дека ваквите иницијативи се клучни за забрзување на зелената транзиција, привлекување зелени инвестиции и зајакнување на улогата на жените во енергетскиот сектор и енергетската дипломатија.
Божиновска изразила благодарност за континуираната шведска поддршка преку размена на искуства и европски практики, како и за поддршката на реформските процеси во енергетиката. На средбата се разговарало и за можностите за интензивирање на соработката во стратешките инфраструктурни проекти, модернизацијата на енергетската мрежа и развојот на капацитетите за обновливи извори на енергија.
Министерството ги наведува енергетската отпорност, регионалното поврзување и продлабочувањето на соработката со партнерските земји како приоритети за стабилен и одржлив енергетски развој.






