
Екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје во текот на октомври подигнале и транспортирале 14.000 тони мешан комунален отпад од домаќинствата и правните субјекти во Скопје. Во истиот период биле отстранети и 950 кубни метри кабаст и градежен отпад од јавни и сообраќајни површини.
Според соопштението на претпријатието, најголемо количество отпад од диви депонии, 200 кубни метри, е подигнато во општината Чаир.
Еко-патролата во октомври издала 83 едукативно-информативни записници на приватни лица и претставници на стопански субјекти затекнати при прекршување на Законот за јавна чистота. Од нив, 47 биле на територијата на Чаир.
Од ЈП Комунална хигиена-Скопје наведуваат и дека секојдневно ја одржуваат јавната хигиена на булеварите и улиците, плоштадите и пешачките мостови во централното градско подрачје, како и на пешачките патеки и тротоарите на мостовите „Гоце Делчев“ и „Слобода“ и во Старата скопска чаршија.
Вработени во администрацијата на претпријатието учествувале и во масовната еколошка акција „Не оставај ѓубре, остави пример“, организирана од Градот Скопје.



