На својата годишна светска конференција, Apple го претставија новиот MacBook Pro, како и новиот оперативен систем iOS 6. Сè уште нема нов iPhone.
Иако на присутните не им било овозможено да го допрат новиот лаптоп од Apple, изложениот модел дефинитивно е потенок отколку неговиот претходник, а и наведените спецификации се значително подобрени.
Најголемата новина е „ретина“ дисплејот со висока резолуција од 2880х1800 пиксели, на дисплеј од 39 сантиметри (15,4 инчи). Овој лаптоп има квад-кор процесор i7, на 2,7 GHz, како и 8 GB рам меморија и ќе чини само 2.199 долари.
Иако сè уште нема најави за нов iPhone, Apple го претставија новиот оперативен систем iOS 6, кој доаѓа со неколку промени во однос на претходниот. На пример, Сири сега може да твита и да активира апликации, без проблеми се интегрира со интернет сервиси, ќе функционира на повеќе јазици и ќе биде достапна за новиот iPad. Оперативниот систем е интегриран со Facebook, искуството со апликациите е подобрено, Сафари добива листа за офлајн читање, а Apple воведува и сервис со мапи, кој ќе вклучува и извештаи за сообраќајни несреќи во реално време.