
На граничниот премин Ќафасан меѓу Македонија и Албанија на 22 ноември е воспоставен системот за едношалтерска гранична контрола „Едно застанување“.
Со системот патниците, возилата и стоката поминуваат заедничка гранична контрола на едно место, наместо да застануваат на излезната и на влезната страна од границата. Тој е наменет за намалување на гужвите, особено во периоди на засилен сообраќај и патувања.
Албанскиот премиер Еди Рама на настанот по повод воспоставувањето на системот рече дека новиот начин на функционирање ќе ги поедностави процедурите и ќе ја зајакне довербата меѓу двете земји.
„Ние имаме еден израз на албански јазик, не знам дали вие го имате на македонски: верувај, но и контролирај. Досега на овој граничен премин бевме контролирај, контролирај, но сега ќе бидеме верувај и контролирај“, рече Рама.
Тој го оцени воспоставувањето на системот како чекор во соработката меѓу двете земји и нивното приближување кон Европската Унија. Говорејќи за заедничките инфраструктурни проекти, го истакна значењето на Коридорот 8 за евроинтеграциите, НАТО, поврзувањето и соработката меѓу државите.
Рама им се заблагодари на институциите и вработените кои придонеле за проектот и рече дека истиот модел треба да се воведе и на другите гранични премини. Ваков модел веќе се применува на преминот Табановце – Прешево со Србија.






