Украина не исполни два услови, Европската комисија предложи да ѝ се исплатат 265 милиони евра помалку

Според предлогот на Европската комисија, Украина не ги исполнила целосно обврските за именување независни членови во надзорните одбори на државните претпријатија и за подготовка на план за постепена либерализација на пазарите на гас и електрична енергија.

4
Украина не исполни два услови, Европската комисија предложи да ѝ се исплатат 265 милиони евра помалку
Фото: МКД.мк

Од вкупно 18 услови предвидени за деветтата рата од финансиската помош, Европската комисија оцени дека Украина исполнила 16. Меѓу нив се модернизацијата на информатичкиот систем за извршување судски одлуки, усвојувањето стратегија за заштита на човековите права, програма за борба против трговијата со луѓе и стратегија за намалување на државната сопственост во банкарскиот сектор.

Како исполнети се оценети и обврските за инвестиции во образованието, здравството и домувањето, како и одредени мерки во областа на електронската идентификација и заштитата на животната средина.

Реклама

Еден од неисполнетите услови предвидува именување надзорни одбори со мнозинство независни членови во 15 државни претпријатија. Украина ја спровела оваа обврска во десет претпријатија. Вториот услов се однесува на усвојување план за постепено отворање на пазарите на гас и електрична енергија по завршувањето на воената состојба.

При пресметувањето на предложената исплата, Европската комисија го зеде предвид делумното исполнување на условот за надзорните одбори, како и предвременото исполнување на една обврска предвидена за десеттата рата од помошта, поврзана со барање за регулаторна проверка од Меѓународната агенција за атомска енергија.

Поради тоа, Комисијата предложи да се ослободат дополнителни 529,4 милиони евра, со што намалувањето на побараниот износ се сведе на 264,6 милиони евра.

Украина побара вкупно 8,305 милијарди евра, а Европската комисија предложи исплата од 8,041 милијарди евра. По одбивањето на средствата за враќање на претходно исплатеното претфинансирање, Киев би требало да добие околу 7,8 милијарди евра.

За исплатата е потребно одобрение од Советот на Европската Унија, а одлуката се очекува до крајот на ноември.