
Од опозициската партија велат дека ниту три минимални плати не се доволни за покривање на овие трошоци. Само за храна и пијалаци, според СДСМ, на едно семејство му се потребни околу 26.000 денари месечно.
Од почетокот на 2027 година се најавуваат и поскапувања на електричната енергија и парното, што дополнително ќе го оптовари семејниот буџет, наведуваат од партијата.
„Народот едвај врзува крај со крај, затоа што платите не ги следат поскапувањата. Наместо конкретни мерки и решенија за намалување на цените и помош за ранливите категории, владата на Мицкоски не прави ништо. Граѓаните се оставени сами да се справуваат со растечките трошоци и сè потешкиот живот“, се вели во партиското соопштение.
СДСМ ја обвинува власта и дека одбива да ја зголеми минималната плата на 600 евра. Од партијата велат дека нема средства за работниците, земјоделците и зголемување на студентскиот оброк, додека пари има за тендери.
„Арамиската власт на Мицкоски ги осиромашува граѓаните, а во исто време им трупа нови долгови на грбот на идните генерации. Четири милијарди евра за две години и уште две милијарди евра нови долгови за 2027 година кои се најавуваат“, обвинуваат од СДСМ.





