
Фестивалот ќе се одржи од 18 до 24 ноември во Скопје, под мотото „Овојпат таа кажува“.
Програмата е посветена на женското авторство и ги опфаќа перспективите и творечките гласови во современиот театар. Претставите отвораат прашања за личната и колективната слобода, идентитетот, љубовта, општествените ограничувања и положбата на жената.
На прес-конференцијата програмата и концептот ги претставија режисерките Нина Николиќ и Теодора Силјаноска, директорот на Младинскиот културен центар Димче Арсовски и раководителите на програмскиот тим Филип Николовски и Кирил Мечалов.
Фестивалот се отвора на 18 ноември со „Кратки приказни“ на Театар Антон Подбевшек од Словенија, во режија на Сања Нешковиќ Першин. Истата вечер ќе биде изведена и „Последниот час по клавир“ на Театар 071 | Перипетија, во режија на Нина Николиќ.
Во програмата се и претстави од регионот и од други европски земји, меѓу кои „Манифест“, „Три жени“ и „Закопани чуда“. На 19 ноември ќе биде изведена „Кокошка“ на Театар Вортекс, во режија на Теодора Силјаноска, а на 22 ноември „Свињи“ на Златен Елец, во продукција на ЦК Битола и режија на Тамара Стојаноска.
Музичката програма вклучува концерт на Арбереше на 21 ноември во бифето на МКЦ. Влезот е бесплатен. Билетите за претставите се во продажба по промотивна цена од 400 денари.





