
Во разговорот со радио-водителот Хју Хјуит, Трамп рекол дека САД внимателно ја следат ситуацијата на Куба и ја опишал земјата како „во основа пропадната држава, пропадната територија или како и да сакате да ја наречете“.
На прашањето дали би употребил воена интервенција за „ослободување на Куба“ од комунистичкиот режим, Трамп одговорил дека „секако би ја разгледал таа опција“.
Трамп рекол дека добил силна поддршка од гласачите со кубанско потекло на Флорида и дека би сакал да направи нешто „за Кубанците кои дојдоа овде откако таму се однесуваа многу лошо кон нив“. Тој додал дека државниот секретар Марко Рубио, чии родители се од Куба, „би сакал да го направи тоа“.
На 9 ноември Трамп изјавил дека верува оти Куба „наскоро ќе падне“ и дека САД би можеле да ѝ помогнат на хуманитарна основа. Во септември рекол дека Вашингтон бара „фундаментална промена“ на островот, а во март изјавил дека верува оти ќе ја има „честа“ да ја преземе Куба.
Во изминатите месеци владата на САД воведе серија санкции врз Куба, со што, според изворот, се продлабочиле долгогодишната економска и енергетска криза и хуманитарната вонредна состојба во земјата со 9,4 милиони жители. Вашингтон бара економски и политички промени во Куба, како и дистанцирање на кубанската влада од Кина и Русија во име на националната безбедност на САД.







