
Народната банка соопшти дека од 10 ноември клиентите на „АЛТА банка“ АД Битола ќе можат да ги користат услугите на електронското и мобилното банкарство, со неделен лимит од 15.000 денари за оние со платежни картички и 20.000 денари за две недели за останатите.
Лимитот се применува збирно за сите сметки во банката и ги опфаќа плаќањата со картички во трговија или електронска трговија, повлекувањето готовина од банкомати и на шалтер, како и плаќањата преку електронско и мобилно банкарство.
Од 11 ноември со работа ќе започне и експозитурата на „АЛТА банка“ во Скопје, во Трговскиот центар „Бисер“, на булевар „Јане Сандански“ бр. 1/1, што ќе им овозможи на клиентите од главниот град полесен пристап до банкарските услуги.
Експозитурите во Битола, Струмица и Тетово продолжуваат со работа, овозможувајќи подигање готовина на шалтер во рамките на утврдените ограничувања, уплати за комунални услуги и отплата на кредити.
Народната банка нагласи дека продолжува внимателно да ја следи состојбата во банката и дека привремената администрација е заштитна мерка која се применува до разрешување на сопственичката состојба, со приоритет за заштита на интересите на клиентите и зачувување на стабилноста на институцијата.



