
Општина Неготино започна со активности во основните училишта со цел да ги открие и поддржи талентите за природни науки кај младите.
Активностите вклучуваат претставување на експерименти од природните науки, меѓу кои и демонстрација на горивна ќелија што водородот го претвора во електрична енергија, како и соларни мотори за претворање на соларна енергија во механичка.
Според Тодоров, дипломиран инженер биолог, на учениците им се презентира и работа со микроскопи за вовед во светот на микроорганизмите, како и со телескопи за набљудување на небесните тела. Дел од програмата е и еколошко компостирање со помош на инсекти, при што органскиот отпад се претвора во хумус, а добиените ларви можат да се искористат како протеинска храна за домашни животни.
Целта на иницијативата е да се поттикне интересот кај младите кон природните науки и да се придонесе за формирање на повеќе професионалци и инженери во оваа област во иднина.



