
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во Брисел се сретна со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, при што ја истакна важноста на Коридорите 8 и 10 за регионалната соработка и воената мобилност.
На средбата, Сиљановска-Давкова ја реафирмираше посветеноста на државата кон НАТО и колективната одбрана, оценувајќи дека сојузничкото единство и силната трансатлантска врска се важни за безбедноста на сојузниците.
Таа ја потврди определбата за достигнување на целта за издвојувањето согласно Хашкиот план и посочи дека продолжуваат вложувањата во модернизацијата на Армијата, сајбер-отпорноста, новите технологии и заштитата на критичната инфраструктура.
Претседателката нагласи дека Коридорите 8 и 10 не се само инфраструктурни проекти, туку и стратешки правци што ги поврзуваат регионалната соработка и безбедносните интереси на НАТО и Европската Унија, особено во контекст на воената мобилност.
Сиљановска-Давкова изрази задоволство од сертификацијата на Лесната пешадиска баталјонска група како борбено подготвена, оценувајќи дека тоа ја потврдува професионалноста и способноста на Армијата да придонесува во операции предводени од НАТО, Европската Унија и Обединетите Нации.
Во разговорот била реафирмирана и поддршката за Украина, како и потребата од продолжување на политичката, воената, финансиската и хуманитарната помош. Според Сиљановска-Давкова, сеопфатниот, праведен и траен мир треба да почива врз меѓународното право и Повелбата на Обединетите Нации.



