Клековски претстави проекти за лекови, болници и итна медицинска помош

Клековски претстави проекти за нови лекови, обнова на болници, реформа на итната медицинска помош и дигитализација на здравствените услуги.

4
Клековски претстави проекти за лекови, болници и итна медицинска помош (Опсервер)
Фото: Опсервер

Министерот за здравство Сашо Клековски на 4 ноември ги претстави проектите за поголема достапност на лекови, обнова на болници, реформа на итната медицинска помош и дигитално здравство.

Клековски информираше дека новата есенцијална листа опфаќа 392 лека, од кои 193 се нови. Со ЦФ модулатори се лекуваат 126 пациенти со цистична фиброза, во споредба со три во 2021 година.

Реклама

За пациентите со мултиплекс склероза се подготвени протоколи за дисперзирана терапија. Од вкупно 835 пациенти, 491 живеат надвор од Скопје. Според министерот, деблокирана е и донацијата на фактор VIII, а обезбедени се 86.000 дози вакцини против сезонски грип.

Во рамки на активностите во болниците, обновени се трауматологијата на Хируршката клиника „Св. Наум Охридски“ и неврофизиологија на Универзитетската клиника за неврологија, а во Бардовци е реновиран „машкиот оддел 2“.

Клиничката болница Битола добива опрема вредна над 30 милиони денари, додека во Клиничката болница Тетово се вработени 109 досегашни договорци. Во болницата „Св. Еразмо“ во Охрид се очекува завршување на активностите за ново крило и четири операциони сали, а продолжува и реновирањето на психијатриските установи во Демир Хисар.

Клековски најави реформа на итната медицинска помош со издвојување на службата од ЗД Скопје, воведување систем со парамедици и реорганизација на Ургентниот центар во клиничкиот центар. Тој посочи дека дополнителна работа е потребна во радиодијагностиката, онкологијата, КЦ „Мајка Тереза“ и во осмислувањето на концепт за долгорочна нега.

Министерот говореше и за Стратегијата за дигитално здравство до 2030 година и за дигитализацијата на здравствените услуги.