САД извршиле ограничени напади врз иранскиот остров Кешм

САД извршиле ограничени напади врз иранскиот остров Кешм, а според американски претставници акцијата била одбранбена и поврзана со инцидент со американско летало.

10
AI-илустрација: САД извршиле ограничени напади врз иранскиот остров Кешм
AI-илустрација

Американската војска извршила ограничени напади врз иранскиот остров Кешм, потврдија тројца американски претставници за Си-Ен-Ен. Според нив, акцијата била одбранбена и насочена кон заштита на американските сили и имот во регионот.

Еден од американските претставници рекол дека нападот следел по инцидент во кој Иран отворил оган врз американско летало. Друг претставник изјавил: „Ова беше одбранбена мерка преземена бидејќи Иранците употребија ракети земја-воздух против американски имот“.

Реклама

Според извор запознаен со ситуацијата, администрацијата намерно не го објавила нападот за да не остави впечаток дека станува збор за операција од поголем обем. Весникот „Волстрит џурнал“ прв известил за операцијата и навел дека слични напади биле изведувани и порано, но во тајност.

Иранската новинска агенција „Фарс“ објави дека во раните утрински часови во вторникот на островот Кешм се слушнале „неколку експлозии“, а експлозии слушнале и жителите на блискиот остров Хенгам и на Бандар Абас. Кешм е важен за контролата врз Ормускиот теснец, низ кој пред почетокот на војната дневно поминуваа околу 20 милиони барели нафта.

Нападот се случил и во момент кога американскиот претседател Доналд Трамп рече дека дипломатските контакти со Техеран продолжуваат и дека би можел да се постигне договор. Во интервју за „Фокс њуз“, емитувано синоќа, тој исто така кажа дека САД „можеби ќе мора да ја нападнат“ планината Пикакс, за која постои сомневање дека е подземен нуклеарен објект.