
Иранските претставници ги напуштија преговорите со катарските посредници за завршување на војната со Соединетите Американски Држави, но од Техеран соопштуваат дека контактите продолжуваат и дека постои можност за нова средба. Разговорите во Доха завршија без напредок, додека Вашингтон и Техеран и натаму разменуваат пораки преку Катар.
Функционер запознаен со текот на разговорите потврдил дека иранските преговарачи заминале од Доха во неделата, но нагласил дека тоа не било поради несогласувања. Според истиот извор, веќе е подготвен нацрт на можен договор, иако деталите засега не се познати.
Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багеи, изјави дека основа на преговорите е иранскиот план од седум чекори, претставен во септември, кој предвидува повторно отворање на Ормускиот Теснец и завршување на американската поморска блокада. Тој рече и дека иранската страна очекува планот, ако се постигне договор, да се спроведе побрзо од првично предвиденото.
Багеи потврди дека заменик-министерот за надворешни работи на Иран, Казем Гарибабади, престојувал во Доха за преку катарските посредници да разменува пораки со Вашингтон. Тој порача дека барањата на Иран се „разумни и логични“, но и дека конечен договор не може да има без завршување на американската поморска блокада.
Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, претходно за Ал џезира изјави дека Ормускиот Теснец би можел да биде отворен во рок од само два дена по постигнувањето договор, наместо во рок од седум дена како што првично било предвидено. Американскиот претседател Доналд Трамп претходно го отфрли иранскиот предлог, но рече дека досегашните разговори биле продуктивни.
Разговорите се одвиваат во период на зголемена загриженост дека конфликтот меѓу САД и Иран би можел повторно да ескалира по американските избори за Конгресот, закажани за 3 ноември. Трамп изјави дека САД нема да започнат нови напади врз Иран пред завршувањето на изборите, но не ја исклучи можноста за нови воени операции.



