
Десетици супермаркети во повеќе европски земји пријавиле проблеми со фрижидерите и замрзнувачите по сајбернапад што ги погодил нивните системи за ладење. Во Белгија, дел од продавниците морале да фрлат храна, а истрагата ја презело федералното обвинителство.
Погодени се трговски синџири во Белгија, Шведска, Естонија, Холандија, Луксембург, Ирска и Финска, а според белгиските медиуми, случајот се поврзува со напад сличен на оној што пред неколку недели ги погоди супермаркетите во Франција.
Белгискиот Центар за сајбербезбедност потврдил дека е запознаен со инцидентот, но засега нема дополнителни информации. Портпаролката на центарот, Катрин Егерс, изјавила: „Запознаени сме со инцидентот, но засега немаме дополнителни информации“.
Според белгиското федерално обвинителство, отворена е истрага, а белгискиот весник Ле Соар навел дека во земјата биле погодени околу 40 супермаркети Делез Прокси, 15 продавници Карфур Шоп енд гоу, 15 продавници Интермарше и пет продажни места на бензинските станици Спар Кју8. ИКЕА потврдила дека инцидентот ја зафатил и нејзината продавница Берген во Монс, со што вкупниот број на погодените продажни места во Белгија достигнал 75.
Од Делез соопштиле дека откриле ИТ-инцидент што ги погодил системите за ладење во неколку десетици продавници и дека веднаш презеле мерки за работењето да продолжи. Карфур навел дека погодени се 15 од неговите 700 продавници, без ниту еден хипермаркет, а портпаролот на компанијата во Белгија, Мих Верхаувен, рекол: „Станува збор за сајбернапад, нема друга причина“.
Во Шведска, температурите во фрижидерите и замрзнувачите во повеќе продавници на ИКА и Кооп се искачиле на 50 Целзиусови степени, а сличен инцидент е пријавен и во една продавница на Селвер во Естонија. Во Ирска се погодени 13 продавници на СуперВалу, додека во Холандија системите за ладење и замрзнување на најмалку 17 компании биле нападнати во текот на ноќта. Делез превентивно ги суспендираше и системите за нарачки во Луксембург.
Стефан Муланс, извршен директор на Сабкобел, компанијата што ги инсталира и одржува системите за ладење на Делез, рекол дека нападот во Белгија го користел истиот механизам како претходниот напад во Франција и дека се работи за ранливост што бара и физички измени на системите, а не само ажурирање на софтверот. Данфос, чиј софтвер е користен во погодените системи, соопштила дека се засегнати клиентите што не го ажурирале софтверот.
Овие инциденти следуваат по нападот во Франција на 12 октомври, кога стотици супермаркети од синџирите Интермарше и Кооператив У беа жртви на сајбернапад насочен кон нивните системи за ладење.


