
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија изрази реакција по одлуката за куќен притвор на Артан Груби, оценувајќи дека ваквата мерка е „доказ дека е сè веќе договорено“. Од партијата тврдат дека судството и обвинителството се под директна контролa на Христијан Мицкоски, обвинувајќи за постигнат политички договор помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.
„Дилот ВМРО–ДУИ се реализира пред очите на јавноста. Најпрво со договореното враќање и режираното снимање на граничниот премин. Камерите не работеле кога Груби пресекол граница, иако бил на стоп-листа. Но, за неговото враќање, камерите биле присутни на секој чекор“, посочуваат од СДСМ.
Според нив, зад оваа ситуација стои „веќе подготвена медиумска кампања“, а одлуката за куќен притвор ја сметаат за продолжение на истото сценарио. „Ако некој еднаш избегал од државата, зошто му се одредува куќен притвор? Пешком преминал граница и побегнал, а бил на стоп-листа. Сега, по 14 месеци, се враќа и добива куќен притвор. Кому уште не му е јасно ова сценарио?“, прашуваат од партијата.
СДСМ истакнува дека „ништо не е случајно“ и сметаат дека станува збор за дел од договор помеѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека останува да се види „која е цената“.



