Мицкоски: Што е проблем за Бугарија да почека три години за да влеземе во ЕУ, па да стапат на сила уставните измени?

Ставот на ВМРО-ДПМНЕ беше јасно кажан минатата среда на лидерската средба со премиерот и претседател на СДСМ – Димитар Ковачевски: „Уставот да се отвори, но уставните измени да имаат одложено дејство и да стапат на сила кога Македонија ќе стане членка на ЕУ“, изјави лидерот на најголемата опозициска партија – Христијан Мицкоски, во интервју на ТВ „Алфа“.

Ако Бугарија нема задни намери со барањето за внесување на Бугарите во земјава во македонскиот Устав, тогаш Мицкоски не гледа причина зошто би имала проблем да почека три години (алудирајќи на изјавата на Али Ахмети) додека да влеземе во ЕУ.

„Кога ќе стане Македонија членка на тоа големо семејство, тогаш Бугарите ќе бидат добредојдени во Преамбулата на Уставот… Ако тоа трае три години, што е проблем за Бугарите да почекаат три години да станат дел од нашиот Устав?“, рече Мицкоски, додавајќи дека тогаш и Бугарија би брзала да ни го олесни патот.

Сепак, Мицкоски оцени дека намерите на Бугарија не се чесни. „Живковизмот“, односно негирањето на македонскиот јазик и идентитет, рече, не само што не е завршен кај нашите источни соседи, туку тој е во пораст, заклучи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

За лидерската средба и изјавите по неа, Мицкоски посочи дека точно една недела „гледаме спинување и извртување на вистината, па дури и лажење“ од страна на СДСМ и ДУИ, но и од помали политички партии, дека ВМРО-ДПМНЕ се согласила за уставни измени. Реалноста, меѓутоа, е дека во Парламентот нема 80 пратеници за прифаќање на уставните измени, подвлече Мицкоски.

Прочитајте и:  Влен: Претставници на ДУИ, СДСМ и Пендаровски во март се сретнале во Вила Водно за враќање на Груевски

Според него, лагите немаат врска со ЕУ (односно со посветеноста на власта на евроинтеграциите), туку единствена цел е, пред сѐ на ДУИ, е ВМРО-ДПМНЕ да добие негативна перцепција кај дел од гласачите и да се намали нејзиниот потенцијал за следните избори, а разликата (во гласови) да се пренесе кај помали политички партии, кои Мицкоски ги нарече „лешинари“, кои глумат, како што рече, лажни опозиционери. Сепак, Мицкоски оцени дека граѓаните се умни и дека на власта нема да ѝ успее да спречи победа на ВМРО-ДПМНЕ по која нема да има простор за уцени.

Мицкоски потсети дека ВМРО-ДПМНЕ понудила три решенија (уставни измени по хрватски модел, уставни измени со ефект по членството во ЕУ или избори најскоро што може) и рече дека ќе биде пресреќен доколку власта прифати било кое од нив.

Тој заклучи дека државата е „заглавена“ на патот кон членство во ЕУ и подвлече дека тоа е заслуга единствено на власта, додека ВМРО-ДПМНЕ е конструктивна и понудила решенија кои не се понижувачки.

- Реклама -