Генерацијата зет ја тресе Европа – протестите се шират, Холандија е следна

Протестното движење на Генерацијата З се шири низ Европа, а по демонстрациите во Германија, Франција, Швајцарија, Албанија и Португалија, протести за наредниот викенд се најавуваат и во Холандија. Младите бараат подобри услови за живот, образование и социјална правда.

6
Генерацијата зет ја тресе Европа – протестите се шират, Холандија е следна
Фото: Нетпрес

Холандскиот министер за внатрешни работи, Питер Херма, предупреди на загрижувачки повици за насилство и вандализам што се шират преку интернет и чет-групите на младите. Протести се очекуваат во повеќе холандски градови, но засега нема официјални информации за конкретните локации и бројот на потенцијалните учесници.

Меѓу главните причини за незадоволството се зголемените трошоци за живот, условите во образованието, социјалната правда, полициското насилство и заштитата на климата.

Реклама

Викендов младите во Германија протестираа во 34 градови, на собири организирани од групата „Генерација Зет решава“. Во текот на неделата дојде до ескалација на насилството, при што беа регистрирани грабежи и фрлање молотови коктели кон полицијата. Германската полиција соопшти дека биле уапсени повеќе од 200 лица.

Најсериозни инциденти биле регистрирани во Франкфурт, каде што демонстранти влегувале во продавници и краделе, како и во Келн, каде што кон полицијата биле фрлани шишиња. Во Берлин биле повредени 30 полицајци, а уапсени 56 демонстранти. Во Хамбург, каде што протестирале околу 6.700 лица, дел од демонстрантите запалиле бариери, по што полицијата употребила водени топови. Биле уапсени околу 120 лица.

Насилните демонстрации продолжиле и во Франција. Според проценките, на протестите во 30 градови учествувале до половина милион луѓе. Во Париз, Лион, Бордо, Марсеј, Лил и Тулуз полицијата употребила солзавец, спреј и водени топови, а низ земјата биле уапсени 565 демонстранти.

Протести имало и во Албанија, каде што меѓу главните барања е оставка на премиерот Еди Рама. Полицијата викендов спречила демонстранти да влезат во зградата на Владата.

Во Швајцарија дошло до судири со полицијата, особено во Базел и Цирих. Во меѓувреме, во Португалија илјадници луѓе марширале барајќи попристапни станови, најавувајќи дека ќе продолжат сè додека не се обезбеди поголема достапност на становите.