Фирмите од денеска неограничено располагаат со новите приливи во „АЛТА банка“

Фирмите од 25 ноември можат неограничено да ги користат новите приливи во „АЛТА банка“, додека за електронските услуги остануваат утврдените лимити.

12
Фирмите од денеска неограничено располагаат со новите приливи во „АЛТА банка“ (Нетпрес)
Фото: Нетпрес

Од 25 ноември правните лица можат во целост да располагаат со новите приливи на своите сметки во „АЛТА банка“ АД Битола, доколку средствата се пренесени од сметки во други банки и кај други даватели на платежни услуги.

Народната банка потсетува дека физичките лица веќе можат во целост да располагаат со новите приливи на сметките во „АЛТА банка“, доколку средствата доаѓаат од платежни сметки отворени кај други банки и даватели на платежни услуги. Можноста ги опфаќа приливите по сите основи, вклучително и платите, пензиите и социјалните трансфери што ги исплаќаат институции или фирми со сметки во други банки.

Реклама

Клиентите немаат потреба да отвораат платежна сметка во друга банка, бидејќи со пристигнатите средства можат да располагаат во целосен износ преку електронско или мобилно банкарство, платежни картички или со подигање готовина на отворените шалтери на Банката.

Продолжуваат со работа филијалите на „АЛТА банка“ во Струмица, Тетово и Прилеп, како и експозитурата во Скопје, во Трговскиот центар „Бисер“. Клиентите таму можат да подигнуваат готовина во рамките на утврдените ограничувања и да вршат уплати за комунални услуги, отплата на кредити и други потреби.

За електронското и мобилното банкарство важат лимитите до 15.000 денари неделно за клиентите со платежни картички и до 20.000 денари во период од две недели за клиентите без платежни картички. Лимитите се однесуваат збирно на сите сметки на клиентот и на сите канали за плаќање и повлекување средства.

Народната банка продолжува внимателно да ја следи состојбата во „АЛТА банка“ и да презема активности за олеснување на пристапот на клиентите до нивните средства и за непречено извршување на платежните услуги.