Радев повеќе да се занимава со реформите во неговата држава, порача Ковачевски

„Претседателот на соседна држава треба повеќе да се занимава со реформите во неговата држава“, одговори денеска премиерот Димитар Ковачевски на изјавата на бугарскиот претседател Румен Радев, иако потенцираше дека сѐ уште ја нема видено.

„Не сум ја видел изјавата и не би имал што да коментирам. Северна Макдонија има многу јасни позиции во рамки не само на ЕУ, туку и во НАТО. Ние сме држава која 100 проценти ја има усогласено својата надворешна политика со ЕУ, земја која рамноправно со другите држави носи одлуки во НАТО, вклучително и заедно со Бугарија. Ние, точно, секоја година имаме европски извештаи за напредокот на реформите. Сметам дека претседателот на соседна дрежава треба да се занимава со реформите во неговата држава повеќе“, порача Ковачевски, одговорајќи на новинарски прашања по обраќањето на јубилејот 70 години од основањето на Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков” и 120 години од објавувањето на книгата „За македонцките работи”.

Радев денеска изјави дека земјава „не ја научила лекцијата од лани – да не лобира кај членките во ЕУ или во европските институции“.

„Скопје треба да си ја научи лекцијата за ЕУ. Гледам дека пак се враќаат на истиот пат пред преговарачката рамка, да лобираат кај членките на ЕУ, пред европските институции, со тоа да ги покријат недостигот на реформи, непочитувањата на човечките права и неподготвеноста за почеток на преговори. Тоа не е вистинскиот пат. Бугарија ќе продолжи да работи со сите институции во Брисел, со нашите европски партнери, со цел решенијата за Република Северна Македонија да не се засноваат на лобирање, кое ги прикрива недостигот од реформи и непочитувањето на правата“, истакна Радев во одговор на новинарско прашање.

Извор: МИА

- Реклама -