Министерот за надворешни работи и портпарол на ДУИ – Бујар Османи, соопшти дека ДУИ е подготвена до изборите (следната година) да поддржи влада во која нема да учествува, доколку опозицијата ги поддржи уставните измени.
„ДУИ е подготвена да поддржи Влада без ДУИ до избори доколку опозицијата ги поддржи уставните измени и истите стапат во сила пред формирањето на таа влада. Европската иднина на граѓаните е пред сѐ!“, објави Османи на Фејсбук.
Ваквиот став на ДУИ следува по лидерската средба на премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски, на која Мицкоски наводно (според толкувањата на некои медиуми) го прифатил предлогот на Ковачевски ВМРО-ДПМНЕ да влезе во владата и да добие пет ресори со кои сега раководи СДСМ, под услов да ги поддржи уставните измени кои би важеле од моментот на одржување на втората меѓувладина конференција со ЕУ (која по автоматизам е закажана веднаш по изгласувањето на уставните измени).
Мицкоски, меѓутоа, на прес-конференцијата по лидерската средба беше јасен дека на понудата на Ковачевски одговорил дека ВМРО-ДПМНЕ би влегла во владата само ако ДУИ не е дел од истата, а уставните измени би ги прифатила само кога би важеле од денот кога 27-те земји од ЕУ ќе ја започнат ратификацијата на договорот за членство на Македонија во Унијата.
Премиерот Ковачевски, пак, на прес-конференцијата по лидерската, прашан за идејата на Мицкоски за формирање влада без ДУИ, одговори дека неговата заложба е за влада на национално единство со јасна цел – европска интеграција.
„Мицкоски сметаше дека некои партии не требале да бидат дел од Владата, но нас ни треба влада која ќе биде широко обединување на сите, која ќе има јасна цел. Тоа ќе биде влада на обединување, на европска интеграција, а нема да биде влада на изолација и дестабилизација. Други сценарија можат да доведат до други резултати во општеството“, рече Ковачевски.
Прашан дали за ставот за формирање влада на национално единство (односно за предлогот за влез на ВМРО-ДПМНЕ во владата) има согласност и од коалициските партнери, тој рече дека никогаш не дава изјави во име на други политички партии, ниту пак коментира нивни политички ставови, но дека на секоја негова одлука и изјава ѝ претходи консултација со сите засегнати страни:
„Како претседател на СДСМ во координација со раководството на СДСМ сум го изнел предлогот. Секако дека и другите коалициони партнери ќе имаат можност да се произнесат во однос на овој предлог, меѓутоа бидете сигурни дека секогаш пред да донесам одредена одлука или пред да дадам изјава дека се консултирам со сите засегнати страни“, рече Ковачевски.