Османи: Овој пат Џамбаски ги помина сите граници, нема да премолчиме

„Секоја провокативна, неприфатлива и навредлива изјава бара реакција. Министерот ја кажа реакцијата со вербална нота, јас тоа го поддржувам и во слична ситуација би реагирала и јас исто“, изјави денеска во Скопје словенечката вицепремиерка и министерка за надворешни работи – Тања Фајон, на заедничката прес-конференција со нејзиниот домаќин – шефот на дипломатијата Бујар Османи, а во врска со скандалозното вчерашно видео обраќање на бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски.

„Министерот Османи утрово ме извести и за овој немил настан на Џамбаски. Се надевам дека денеска ќе испрати дипломатска нота. Станува збор за навреда кон граѓаните на Република Северна Македонија и јас бев сведок и ги осудував неговите активности и изјави. Сите тие провокации се во период кога државите обезбедуваат една позитивна средина во вакви услови. Ги повикувам сите пријатели во соседна Бугарија да се воздржат од несоодветни коментари кои внесуваат раздор, нерасположение и конфликти помеѓу населението“, рече Фајон, прашана како го оценува ваквото однесувањето на Џамбаски и дали Европскиот парламент може да направи нешто во врска со тоа, бидејќи не се случува првпат.

Османи најави дека Скопје денеска ќе реагира со нота до официјална Софија по повод изјавата на Џамбаски, и очекува реакција и од бугарските власти.

„Ние денеска ќе реагираме со нота по однос на изјавата на европратеникот како говор на омраза којшто, според сите и меѓународни и билатерални договори коишто ги имаме со ЕУ, е основа за да се реагира и причина да се реагира. И мислам дека навистина, иако се обидувавме во овој период да го игнорираме затоа што целта на европратеникот е да ги искористи тие реакции за себепромоција, меѓутоа овој пат навистина ги надмина сите граници на провокација и тука мора да реагира и бугарската држава, и сите, бидејќи тоа се веќе територијални претензии и навредлив говор кон народ, кон етнички заедници, и тоа сигурно нема да го премолчиме“, рече Османи.

Прашан за бугарските провокации, конкретно од страна на бугарскиот копретседател на заедничката историска комисија – Ангел Димитров, и дали ќе побара негова смена, Османи потенцираше дека секоја негова изјава од функција на министер за надворешни работи е официјална изјава на МНР и дека планира да ги отвори сите овие прашања.

„Така што и мојата реакција кон Ангел Димитров е официјална реакција на МНР, а со тоа и на државата, бидејќи јас ја претставувам државата. Така што, сметајте го тоа како официјална реакција на МНР, но кое што треба да видиме како ќе се рефлектира понатаму. Доколку продолжат негативни трендови ќе има и други комуникации. Планирам сите овие работи да ги отворам. Од Бугарија немам ништо“, рече Османи.

Извор: МИА

- Реклама -